Поднесени 107 пријави за пензионер од Неготино – преку видео на социјална мрежа навредувал цело село
Повеќе од стотина жители на село Криволак поднеле пријава против 67-годишен пензионер од Неготино, поради видео-објава на социјална мрежа во која, како што тврдат, ги навредил и им упатил дискриминаторски пораки.
Според информациите од СВР Велес, лицето Љ.Т. на 20 октомври преку свој личен профил и уште еден профил што го администрира, објавил видео со погрдни изрази кон жителите на Криволак. Во видеото, наводно, повикувал на ограничување на избирачките права на група граѓани врз етничка основа и изнесувал невистинити тврдења поврзани со изборниот процес.
„На 21 октомври во ОВР Неготино беа примени три пријави, а на 24 октомври дополнително и писмена пријава од 107 жители на селото Криволак, дека видеото било јавно достапно и содржело навреди и невистини на национална основа,“ соопштија од СВР Велес.
Случајот е проследен до Основното јавно обвинителство Кавадарци. Осомничениот се гони за дело „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“ согласно член 394-г став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

