ПОДНЕСЕНО ОБВИНЕНИЕ ЗА РАЗБОЈНИШТВО ВО ЧАИР
Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен акт против едно лице за кривично дело – Разбојништво од член 237 од Кривичниот законик.
На 20.11.2019 година, обвинетиот влегол во маркет во Чаир и извадил пиштол марка “EKOL Special 99” со калибар од 9 мм и му се заканил на оштетениот – сопственик на маркетот. Му наредил да се тргне од касата, посегнал преку пултот, ја отворил касата и одзел пари од дневниот промет во вкупен износ од 5.000 денари.
Во тој момент, во маркетот влегло уште едно лице кое се нафрлило врз обвинетиот со намера да го заштити оштетениот, па обвинетото лице бил совладано и му било одземено оружјето.
Надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави и Посебен предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за обвинетиот, со оглед на тоа што и натаму постои опасност од бегство, како и можност тој да влијае врз сведоците и веројатност да го повтори истото или да изврши слично кривично дело.