Поглед кон Мисирков- меѓу сентиментот, вистината и фалсификатите (1)
Владимир Перев
Во времето на моето учеништво и младост, никој од нас, обичните луѓе немаше чуено ништо за Крсте Петков Мисирков. Беше апсолутно непознато име, непознат лик и дејност кои не се учеа во нашите училишта. Не се учеше ниту на Филозофско-филолошкиот факултет, барем колку што ми е мене познато. Темата за Мисирков прв ја отвори филологот и фолклорист Блаже Ристовски, прво низ печатот за потоа да издаде обемна, солидно подготвена книга некаде околу 1966 година. Тоа беше македонското прво запознавање со Мисирков, за потоа тој да стане вистинска опсесија на академикот Ристовски и конечно на цела Македонија. Македонизмот на Мисирков, зачинет со кај нас недоразбраните позиции на “Лозарите“, станаа лајтмотив на секој кој сакаше да се покаже како интелектуелец и патриот, кој нашето битие го бара поназад од август 1944 година и “Св. Прохор Пчински“, лоцирајќи го на почетокот на 20-от век. Подоцна, патриотизмот делегиран од врхушката на ДПМНЕ програмски нѐ врати во антиката, кај Александар Македонски и кај Хунзите. Но, Мисирков не беше заборавен и тргнат на страна. Напротив!
Веднаш по смртта на Јосип Броз, со економско-финансиската криза во која се најде СФРЈ, паднаа стегите на југословенството/србоманството и некои од архивите на семоќната УДБ-а малку се подотворија. Тогаш разбрав дека академикот Ристовски, во повоените години е гонет, меѓу другото и за повикување на бунт против југословенскиот (титовистичкиот) поредок, притоа посочувајќи го и името на Ванчо Михајлов во позитивен контекст, ставајќи го “рамо до рамо“ со нашата легенда Гоце Делчев. Летокот “за бунт“ бил конципиран и напишан лично од Блаже Ристовски.
Така, заради “единството“ на Блаже Ристовски, Гоце Делчев и Ванчо Михајлов, Крсте Мисирков стана и моја опсесија и жед да се проучи неговото дело. Таа опсесија со Мисирков ме доведе и до читање на емигрантскиот печат при моите патувања во странство, па на мое огромно изненадување, ја открив обемната анализа на Ванчо Михајлов за Мисирков, насловена како “Вистинскиот лик на неурамнотежениот Крсте Мисирков“ од 1969 година, издадена од ЦК на Македонската Патриотическа Организација во Индијанаполис, САД.
Потоа следеше “време на читање“. Прво беше “За македонцките работи“, за потоа Зоран Тодоровски да го објави двојазично “Дневникот“ на Мисирков.
Како и обично, за многу работи Ванчо Михајлов бил во право, најмногу за Мисирков. Со невидена луцидност и хируршка прецизност, Михајлов го “сецира“ творечкото ткиво на Мисирков, за пред нас да се отвори една соголена, празна и нејасна личност.
Оваа 2026 година се навршуваат сто години од смртта на Крсте Мисирков. Редакцијата на “Трибуна“, по тој повод, реши да го објави (преведен на македонски јазик) текстот на Михајлов за Мисирков. Но, за нештата да се доизјаснат, ќе бидат објавени и неговите писма и кореспонденции, пак на македонски јазик, но овај пат од книгата на Архивот на Македонија, со впечатливиот предговор на Атанас Вангелов.
Така, редакцијата на “Трибуна“ ќе го даде својот придонес кон расветлувањето на личноста на Мисирков и неговите позиции, како за битието и суштествувањето на македонската нација, така и за односите на нас овде, со соседните народи-грци, срби и бугари. Заради обемноста на материјалите, тие ќе бидат објавувани постепено.
Читајте секојдневно во нашите продолженија…
***
Вистинскиот лик на неурамнотежениот Крсте П. Мисирков (1)
Познато е дека оние кои се зафатија да создаваат „македонска народност“ во македонските области заграбени од Југославија, пред сè се воспитаници на српските училишта. Некои од нив дури беа и стипендисти на српскиот крал меѓу двете светски војни, кога нашиот народ во Македонија беше подложен на најсурова тиранија и даваше безброј жртви. Додека во тоа време најдобрите синови на нашиот народ се бореа со пушка на рамо (против кралскиот режим и неговите обиди да нè посрбува), во исто време некои господа добиваа српски стипендии. Токму тие господа денес се жестоки пријатели на комунистичката тиранија во Југославија. Така токму тие го доведуваат во заблуда нашиот народ, фалсификувајќи го неговото вековно бугарско име, изопачувајќи ги јазикот и историјата, „објаснувајќи“ и искривувајќи го нашиот јазик.
Младиот поет Венко Марковски се обидел да пишува на нашиот народен дијалект, така како што во срцата на разни европски народи писатели и поети пишувале на чист народен јазик; и како што нашите многу заслужни народни дејци Браќата Миладиновци, Григор Прличев, Рајко Жинзифов, Јордан Џинот и други исто така пишувале. Но сите тие на најјасен и најрешителен начин изјавувале дека се Бугари. Браќата Миладиновци загинаа само затоа што отворено се бореа како Бугари против грчката црква. Григор Прличев ја доби својата слава главно во Атина, кога изјави дека напразно грчките културни кругови го крунисуваат со лаворов венец како Грк, бидејќи тој е Бугарин.
Титовците имаа намера да го прогласат Венко Марковски за креатор на „македонскиот јазик“ само затоа што пишувал стихови на нашиот народен дијалект. Но Венко демонстративно го отфрли тоа намерение на титовците, изјави дека е Бугарин и се наоѓа во Бугарија, каде што пишува и на чист бугарски литературен јазик.
Титовците го прогласуваат Крсте Мисирков за некаков создавач на македонската народност. Тој, меѓутоа, е чист Бугарин. Тоа јасно ќе го покажат цитати од неговите дела, за кои се потрудил систематски да ги собере материјалите во една брошура, г. Никола Велев. Оваа брошура е објавена и во изданијата на Бугарската академија на науките, во четвртиот том на одделот „Историски истражувања“. Брошурата била напишана по повод Шестиот меѓународен конгрес за славистички студии, одржан во Прага во летото 1968 година.
Без да додаваме какви било наши коментари, ги изнесуваме некои важни заклучоци од брошурата на г. Велев, и тоа:
- Крсто Мисирков е роден во селото Постол, Ениџевардарска околија, во 1875 година. Своето првично образование, во траење од шест години, го стекнал во грчко училиште. Во есента 1889 година се наоѓал во Белград под името Крста Петковиќ, како стипендист на друштвото „Свети Сава“, кое имало задача да воспитува млади луѓе од Македонија и да отвора српски училишта во нашата татковина.
- По неколку месеци, меѓутоа, Мисирков заедно со уште триесет и четворица млади луѓе избегале Белград. Добил помош од бугарската влада и го завршил вториот клас на гимназијата. Фактички, овој клас повторно го завршил во Бугарија, каде што се нашол од непознати причини, со престој од само шест месеци.
- Потоа Мисирков добил стипендија од српското Министерство за надворешни работи. Таму учел во семинарија, а потоа и педагогија, во училиште издржувано од друштвото „Свети Сава“. Потоа посетувал гимназија во Шабац, а потоа повторно учел три години педагогија и завршил во јули 1895 година.
- Во септември истата година, министерот за надворешни работи на Србија, Стојан Новаковиќ, го испратил кај Бранислав Нушиќ, српскиот конзул во Приштина, снабдувајќи го со 180 златни динари за патни трошоци.
- Наместо да замине за Приштина, Мисирков тргнал за Одеса и се запишал на Богословската академија во Полтава, каде што го завршил курсот во 1897 година. Сепак, побарал и добил стипендија од руското Министерство за надворешни работи; се декларирал како „македонски Словен“ и студирал историја и филологија на Универзитетот во Петерсбург.
- За време на престојот во Петерсбург, Мисирков бил член на Друштвото на бугарските студенти. Тој признава дека токму како Бугарин бил член на тоа друштво во текот на пет години; тоа самиот го напишал во софискиот весник „Мир“ од 26 мај 1925 година. Неговиот соученик Петко Стојанов, подоцна професор во Софија, јавно изјавил дека во тој период Мисирков ниту збор не кажал за нешто македонско што би било различно од бугарското. Во тоа време одржал две предавања пред бугарските студенти во Петерсбург, при што ја посочил Македонија како земја со бугарско население.
- Со писмо од 22 ноември 1902 година, Мисирков ја известил Бугарската егзархија дека го прифаќа понуденото работно место и заминува за Битола, каде што од 1 декември истата година станал наставник по историја и бугарска литература, како и по грчки јазик, во тамошната бугарска гимназија.
- На 15 декември 1900 година, голем број студенти и студентки од Македонија, кои го продолжувале своето високо образование во Петерсбург, убедени „дека нема Бугарин кој не се интересира за судбината на овој дел од татковината (Македонија — заб. наша), која и денес сè уште гние под јаремот на тиранот“, формирале еден кружок, „чија главна цел била истата борба, предвидена во статутот на Македонско-одринската организација од 1900 година“.
(Продолжува…)
