|

Погледнете го ова неверојатно видео од средновековната тврдина Асара во источните Родопи

Општината Момчилград во Бугарија деновиве објави уникатни кадри, кои предизвикаа голем интерес на социјалните мрежи. Видеото, снимено со дрон, претставува поглед од птичја перспектива на мистериозната средновековна тврдина Асара, која се наоѓа во областа на родопското село Ралица, јавува Радио Бугариja.

Остатоците од тврдината датираат од 11-12 век. Тие се издигнуваат над праисториско карпесто светилиште со гробница. На територијата на тврдината бил издлабен трапезоиден олтар. Сè уште се гледаат стутканите урнатини на две големи кули, кои некогаш биле поврзани со премин што се сече во карпите. Во едната кула има траги од станбени простории и капела. Археолозите откриле и бесценети коскени медалјони, кои биле елементи на икона украсена со златни фитинзи.

Според студиите, еден од првите обиди за ископ на руда во овој дел на Балканскиот Полуостров бил извршен во Источните Родопи. На земјиштето на блиското село Звездел, откриени се рудни галерии слични на оние во подножјето на планината Асара.
Од врвот, каде што се расфрлани остатоците од некогашната тврдина, се открива неограничен поглед на Источните Родопи и нивниот највисок врв „Стрмниот рид“ со надморска височина од 960 метри.

Водопадот Бојалак се наоѓа во близина на тврдината Асара. Неговата висина е околу 25 метри. Во кањонот што се формира по водопадот може да се забележат исклучително интересни карпи.

Тврдината Асара во општина Момчилград не е единствената тврдина во Бугарија што го носи ова име. Зборот „асар“ доаѓа од арапско-турското име „хисар“, „хисарлак“, или во превод – тврдина, утврдување, камена тумба. Затоа во нашите земји има многу тврдини со овие имиња, пишува Радио Бугарија.



Слични Објави