Поигрување со државата: авансно проблематизирање на изборите
Facebook статус на Никица Корубин
Дека ниту еден политички процес кај нас не може да помине без добро познатите и етаблирани “итарпејовски итроштини”, е само уште една жалосна, но очекувана констатација во заробено од партократијата (и сите други неформални “власти”) општество. Најновиот “изум”, всушност класичен мајтап со законот и процедурите гласи: “ќе гласаме воздржано за изборот на техничката влада, во која активно ќе учествуваме како партија”. Со други зборови, “ќе бидеме дел од процесот на изборите, ама нема да одговараме за процесот на изборите”. На кој инаку “сигурно победуваме”. Сигурни ли се или не? Изборите, топтан со однапред прокламираните победници.
Оваа најнова “операција” на компромитирање на уште еден политички процес и негово исмевање и банализирање, всушност е само уште една етапа на исмевање и банализирање на државата. Затоа што државата не се ниту партиите, а уште помалку “лидерите” и нивните јавни и тајни договори; државата се институциите, законите, владеењето на правото и граѓаните. А, за ниту една од овие одредници на државата “господарите” немаат почит, туку потсмев. Формална и техничка “играчка” која стои на патот до “освоената власт”. Со манир и терминологија на војна, а не на цивилни и редовни избори. Во која победникот добива се’: да суди и пресудува, да троши и да “газдува”, да владее и да не’ одржува. Токму тука заглавени, каде што сме.
Џабе сите хистерии, ламентации, протести и “борба против партиските вработувања”, против криминалот и предавствата, џабе сите (из)мислени непријатели, џабе сите “пораки и шифри” на јавна сцена; кога рингот и учесниците се од иста приказна произлезени. И за сите нив, со фингиран и премолчан “кредибилитет”, граѓаните, институциите и државата се истата сцена за меѓусебна пресметка. Ништо повеќе, ништо помалку. Посед на кој секој некаде полага “наследно право”, (преку непотизам, кронизам, клиентелизам, партократија), дали е тоа министерство, агенција, завод, факултет, институција, академија, медиум не е важно. Важно е правилото на “заробеност и непроменливост”. Чиста агонија.
И ако ја рационализираме агонијата, единственото логично прашање е: зошто владата “се руши”, пред и да биде избрана? Онаа техничката. Која инаку е регулирана во Законот за влада, а не во изборниот законик. И која не остава простор за дилеми, во однос на нејзиниот избор и ограничена надлежност. И ако “датумот е партиски договорен”, после месеци апокалиптични предупредувања за “суспендирање на системот”, како тоа техничката влада не е “партиски договорена”? И дали нивната логика е “зошто законот би важел селективно за власта, а не би важел селективно и за опозицијата”? Имуни ли се на “закон и устав”? И каде се всушност во целата ситуација законот и уставот, кога тој селективно и по потреба се употребува? Било за предлог на технички премиер, било за “воздржан избор”.
Законот вели дека “собранието ја бира техничката влада”. Значи пленумот со мнозинство гласови. Никаде, претпоставувам, според добро познатата логика на опозицијата, не вели дека “сите пратеници треба да гласаат за”. Пратеникот нели одлучува “по сопствено убедување”. Иако, “убедувањето” е претходно најавено од партијата. Но, како и секоја друга “итрина” и оваа има фалинка. Затоа што не може да биде еднократно и по потреба употребена.
По, оваа логика, ако пратеникот одлучува “по сопствено убедување”, зошто тој би одлучил по партиски договор за партиски датум за избори, а последователно на тоа и за самораспуштање сега, а не за неколку месеци? Или ако “пленумот одлучува со мнозинство” и одлуката ќе биде активно прифатена и уште имплементирана со министри во техничка влада; како тогаш одлуката за заклучоците од преговарачката рамка, во која е обврската за промена на уставот, донесена со мнозинство на “собранието” не е се’ уште имплементирана? Па, што е битно што се гласа против или воздржано? Нели собранието носи одлука со мнозинство?
Но, интересно е да се види, колку “играчи” има оваа “игра”. И да се види што е всушност целта на играта. Изборите се мизансцената, но кој е всушност “таргетот”? Што ќе има, а што ќе нема проектираниот ден на гласањето на техничката влада? Затоа што тоа е процес на “врзани садови”, и една постапка води кон следната. Кога ќе почне треба да заврши. Ако не се следи процедурата од почеток до крај, законски и сериозно, се загрозува постапката, процедурата и системот на државата. Затоа што секогаш е таа во прашање. Без разлика дали играта е “за некого” или “за нешто”. А, државата сме сите ние граѓаните, а не тие “играчите”. Партиски облечени.
