ПЕТАР КОЛЕВ: ВРЕМЕ Е ДА ИЗГРАДИМЕ ЦЕЛОСНО НОВ СИСТЕМ!

Интервју за порталот Фактор

Претседателот на Граѓанско демократската унија (ГДУ) Петар Колев е носител на листата во Изборната единица 3, додека партијата на Парламентарните избори 2020 учествува со листи и во изборните единици 1, 2, 4, 5. ГДУ не е само млада партија, туку е и партија која дава шанса на млади ентузијасти кои веруваат во промена на системот со цел младите да останат и да живеат во добросостојба, дома, во Македонија. Себе се дефинираат како прогресивно конзервативна партија со либертаријански насоки, што значи „Помалку моќ кај власта, повеќе права кај поединецот“.

Со Колев разговараме за нивните очекувања, идеи како да се промени системот од нефункционален во систем што ќе ги штити правата на граѓанинот и зошто сметаат дека гласачите треба да заокружат број 7 на листите.

  1. Како дојдовте на идеја да формирате нов политички субјект и што е она што ГДУ ја прави поразлична од останатите конзервативни партии во Македонија?

Петар Колев (ГДУ): Нашата цел не е власта сама по себе! Нашата цел е целосен РЕСЕТ на нефункционалниот систем во кој живееме денеска. Итно се потребни промени и реформи кои ќе ја намалат моќта на власта, а ќе ги зголемат правата на поединецот. Живееме во систем во кој граѓаните веќе немаат доверба и како таков никому не е од полза. Го кочи развојот на демократска Македонија. Сакам да бидам јасен, поимот граѓанин на Република Македонија има пред се политичко значење затоа што само во рамките на тој поим сите ние како индивидуи имаме права и заштита во рамките на уставно правниот поредок, за разлика од „другите“ кои не се граѓани на земјава. И ова мора да биде сфатено како една од темелните вредности на нашата независност како нација и држава.

Но, овој систем погрешно ги вреднува криминалот и корупцијата, а чесноста ја казнува и обезвреднува. За тоа да се смени, време е да изградиме целосно нов систем!

Покрај нашите убедувања, ГДУ е различна од останатите партии и според организациската структура на партијата. Јас како претседател на партијата ги имам вообичаените обврски и права, но и јас и останатите членови на Управувачкиот Комитет како извршен орган, сме само членови по должност во Националниот Комитет на Граѓанско Демократската Унија кој е највисок орган на партијата. Тој ги формулира насоките за дејствување на партијата. Ние го имаме дефинирано и правото на фракционерство и пристапот до техничките, материјалните и останатите ресурси на партијата на потенцијалните фракции. Знам дека во минатото од време на време и други парии најавувале демократизација на внатрешниот живот на нивните партии, но, јас ја имав привилегија да станам претседател на партија што тоа го претвори во дело.

  1. Кои се најважните проекти и цели кои ќе ги афирмирате во парламентот?

Петар Колев (ГДУ): Во овој момент, според официјалните податоци, во земјава има 75 914 деловни субјекти и огромен дел од нив се во рамките на од еден до девет вработени. Особено поради кризата, голем дел од нов се соочени со ликвидност а ефектите од владината поддршка допрва ќе се оценуваат. Овие деловни субјекти според ГДУ се вистинските двигатели на економијата во земјава, и оправдано е мерките да бидат насочени кон нив. Затоа предлагаме намалување на вкупните зафаќања од бруто платата, по основ на даноци и придонеси намалување и целосно укинување на ставките за разни административни надоместоци, глоби, судски и административни такси и разни други владини услуги кои се само товар за граѓаните. Годинава е предвидено да се реализираат 17.201 милиони денари по тој основ. За да се намалат трошоците потребно е и да се рационализира администрацијата, односно, во моментов имаме 16 министерства, 23 министри и 43 т.н. органи во состав и јасно е дека зборуваме за расипништво. Истовремено, внатрешниот пазар се повеќе се дисперзира. На пример, Североисточниот Плански Регион има најмало учество во вкупниот БДП околу 5%. Истиот регион има и најмало учество во инвестиции во основни средства, а истовремено, даночните обврски, акцизите и останатите давачки се исти и за тој регион. За компарација, учеството на Полошкиот регион во БДП е нешто над 7% а во него живеат повеќе од 15% од целокупното население на Македонија. Повеќе од очигледно е дека Министерството за финансии, УЈП и останатите институции имаат сериозни пропусти во работењето.

Целото интервју прочитајте го овде.