Покојниот египетски милијардер обвинет за силување, во Британија ги истражуваат помагачите
Британската полиција соопшти дека започнала истрага за тоа дали луѓето поврзани со починатиот египетски милијардер Мохамед ал-Фајед помогнале во наводното силување и сексуален напад на женски персонал во неговата стоковна куќа „Хародс“ во Лондон.
Документарен филм на Би-Би-Си во септември објави дека Ал-Фајед, кој почина минатата година на 94-годишна возраст, сексуално ги злоставувал женските вработени, ги принудувал на медицински прегледи и им се заканувал со последици доколку се обидат да се спротивстават.
Ал-Фајед ги негираше сличните обвинувања пред неговата смрт.
„Оваа истрага има за цел да им даде глас на преживеаните, и покрај фактот дека Мохамед ал-Фајед повеќе не е жив за да се соочи со кривично гонење.
Меѓутоа, сега ги истражуваме сите лица осомничени за вмешаност во неговите злосторства и се залагаме за барање на правдата“, рече командантот Стивен Клејман од лондонската Метрополитен полиција во соопштението во средата.
Тој не кажа колку лица се под истрага.
Адвокатите кои ги застапуваат жртвите рекоа дека злоупотребата се случила не само во Хародс, туку и на други локации поврзани со деловната империја на Ал-Фајед, како фудбалскиот клуб Фулам, хотелот Риц Париз и неговиот имот во Сари, истакнувајќи дека повеќе од 400 луѓе се јавиле .
Според документарецот на Би-би-си, Хародс не интервенирал, туку помогнал да се прикријат наводите за злоупотреба додека Ал-Фајед бил сопственик.