|

Покрај станот и обезбедувањето, Бугарија на Пендиков ќе му овозможи и студирање во Софија

Бугарија ќе му озвозможи на претепаниот охриѓанец, Христијан Пендиков да студира во Софија. Ова го соопшти бугарската потпретседателка Илијана Јотова која се сретна со претставници на бугарската заедница во Скопје.

„Сакаме оваа есен да почне да студира во Бугарија, да го заврши високото образование, а бугарската држава ќе направи се’ што е потребно за него и за сите“, рече Јотова која по посетата на Косово дојде во Скопје на средба со бугарската заедница во Македонија.

Претходно беше објавено дека Христијан Пендиков ќе добие бугарско државјанство за кое аплицирал во декември, минатата година. Тамошното министерството за надворешни работи објави дека ќе му обезбеди и стан додека престојува во Бугарија, но и лично обезбедување.

Македонскиот државјанин Пендиков кој ја извршуваше функцијата секретар на бугарското здружение „Цар Борис Трети’ во Охрид, минатиот месец беше физички нападнат во ресторан на кејот во центарот на градот. Случајот потоа прерасна во дипломатски скандал, а охриѓанецот во организација на бугарските власти беше транспортиран на лекување во Бугарија, каде oттогаш остана да живее.

Во интервју по нападот во Охрид, Пендиков од Софија обвини дека бил дискриминиран во Македонија поради бугарската самосвест.



Слични Објави