|

Полицајците им кршеле раце и нозе на затворениците во Идризово, Зибери ќе иницира кривични за тортура и за специјалците и за затворската полиција

Народниот правобранител Насер Зибери ја оцени 2023 година како неповолна за затворениците оти полицијата употребила прекумерна сила и ги мачела при претресот во КПУ „Идризвово“ од октомври годинава. Зибери во детали зборуваше за наодите по увидот што тие го направиле по претресот. Рече дека и според изјавите на затворениците и според видеоснимките, по претресот, лекарска помош побарале вкупно 60 затвореници, но во ниеден момент не спомена дека при претресот беа повредени десетмина полицајци.

Зибери извести дека ќе иницира кривични пријави за тортура и за припадниците на специјалните полициски сили и за затворските полицајци,кои учествувале во претресот оти употребиле прекумерна сила, ги мачеле затворениците, кои веќе биле совладани.

„Според нивните искази, затворениците насила биле вадени од креветите во кои спиеле, биле тепани иако не давале отпор. Потоа биле врзани и извадени во ходниците, каде што биле оставени да клечат со врзани раце. По кажување на затворениците, тие биле принудени да ги исчистат просториите од искршените предмети при претресот и дејствувањето на полицијата и при спроведување на акцијата за собирање и чистење повремено биле удирани од полицијата. Од увидот кај осудените лица беа констатирани видливи повреди и со нивна согласност обезбедени се фотографии, а од целиот настан обезбедена е видеоснимка“, рече Зибери.

Зибери вели дека видеоснимката ги потврдила исказите на десеттемина затвореници со кои разговарале.

„При влегување на полицијата осудените лица се разбегуваат по своите соби, а потоа полицијата и службените лица влегуваат во собите. Од ова може да се констатира дека при влегувањето на полицијата во просториите не се соочиле со отпор од страна на осудените лица за да употребат физичка сила. Исто така, по прегледувањето на ќелиите, некои од затворениците се врзани, значи совладани, а полицијата продолжила со употреба на физичка сила“, објасни Зибери.

Затворскиот лекар го известил народниот правобранител дека по претресот, над 60 затвореници побарале лекарска помош.

„Осудените лица добиле повреди во пределот на главата, екстремитетите, грбот и други делови од телото. Едно осудено лице добило скршеница на раката, а друг затвореник скршеница на ногата. Во собите затекнавме скршени телевизори, шкафчиња и друга опрема, а во ходникот оставени куп скршени предмети“, рече Зибери.

Народниот правобранител за овој настан побарал објаснување од внатрешната контрола при МВР, од Бирото за јавна безбедност и од Управата за извршување на санкциите, но до изготвување на информацијата за претресот одговор добиле само од Бирото за јавна безбедност.

Зибери најави дека ќе иницира кривични пријави за полицајците поради констатираната употреба на прекумерна сила.

„При претресот на полициските службеници, без потреба, употребена е прекумерна сила бидејќи, иако осудените лица биле ставени во послушност и биле врзани, полициските службеници физички ги нападнале, ги удирале по телото, рацете и нозете, нешто што може да се види и од видеозаписите и од констатираните повреди. Имајќи го предвид изнесеното, Народниот правобранител, механизам за граѓанска контрола, ќе поднесе барање за утврдување кривична одговорност до одделението за гонење кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција при Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција Скопје“, рече правобранителот Зибери.

Народниот правобранител извести дека годинава констатирал дека извршителите, судовите и финансиските друштва ги спроведуваат доследно измените на Законот за облигационите односи, Законот за извршувањето и Законот за финансиското работење.

Особено неповолна била 2023 година за детските права, чие прекршување годинава заврши со одземениот живот на 14-годишната Вања Ѓорчевска.

Изминатава година народниот правобранител забележа прекршување на првото на образование за учениците што не ги добија навреме свидетелствата, учебниците, а прекршени прва се констатирани за учениците во Гази Баба, Велес и во Чашка, каде што на некои ученици не им беше дозволено образование на мајчин албански јазик.

Слични Објави