ПОЛИТИЧКИ КРИМИНАЛЦИ
ДПМНЕ и СДСМ меѓусебно се обвинуваат за криминално владеење, за злоупотреба на државните институции и власта, за вработување партиски војници, местење тендери и сл, за контрола на судството и СЈО преку Рекет, работи за кои 30 години се изнаслушавме од СДСМ и ДПМНЕ. При тоа имаме судски процеси за раководствата и на ДПМНЕ и на СДСМ – ама за ДУИ нема ништо, иако таа соработувала и ја делела власта и со двете партии. Па како е тоа можно, што се случува? Се е многу комплицирано, а истовремено и многу едноставно за разбирање, зависно од тоа дали сакаме да ја гледаме субјективната или објективната вистина. Субјективно – сите се во право, и СДСМ и ДПМНЕ и ДУИ, краделе и сега се расправаат кој повеќе крадел, и како да се скрие ДУИ – зошто без нив крадењето не било можно, тие се знаат и за се мора да дадат амин. Па добро какви се луѓето во Македонија, ако првите луѓе толку крадат – какви ли се останатите кои ги бираат нив?
За среќа објективната вистина е дека не сме криминални ние граѓаните, ниту политичарите кои ги бираме, туку криминален е системот на изборите, а со нив и системот на организација на државата, кои оставаат огромен простор за криминал, посебно на оние кои се на раководни места.
Теоријата на криминалот познава два типа на криминалци, луѓе кои незаконски се стекнуваат со моќ и пари, и тоа: криминалци аматери и професионални криминалци. Разликата е едноставна: аматерите ја користат можноста за криминал, најчесто помал, која непланирано им се укажува, додека професионалците трошат време и средства за планирање и создавање на можноста за криминал – и тоа голем, и за тоа се спремни на големи ризици, па и на убиства. Од аматерскиот политички криминал страдаат помал број луѓе локално, додека од професионалниот политички криминал страда целата држава, сите граѓани на Македонија, и тоа со милионски суми евра од буџетот.
Значи, аматерскиот политички криминал во Македонија се случува зошто луѓето поставени на одредени места во државниот систем имаат можност за тоа, и од нивната совест зависи дали ќе го направат или не: дали ќе вработат некој од семејството, дали лажно ќе прикажат поголеми патни трошоци, дали ќе наместат некој тендер, дали ќе земат некоја провизија или стан од издадени дозволи и сл. Аматерскиот политички криминал сам по себе не е голем проблем затоа што може да се открие и казни – ако власта тоа го сака.
Најголемиот проблем во Македонија е професионалниот политички криминал, под чија контрола е аматерскиот. Негови протагонисти, за жал, се луѓето на највисоките државни позиции: премиерот, претседателот, министрите и, пред сѐ – пратениците, кои се најодговорни за организацијата и спроведувањето на државниот систем. Тие го користеа тоа што народот до сега не беше свесен за оваа вистина, па го манипулираа, му го переа мозокот – и тоа дебело го наплатуваа.
Главна алатка за спроведување на професионалниот, планираниот политички криминал во Македонија до сега беше ИЗБОРНИОТ СИСТЕМ СО ЗАТВОРЕНИ ИЗБОРНИ ЛИСТИ! Тој систем целата изборна моќ му ја дава во раце на лидерот на партијата, а со тоа и на премиерот на државата, кој на раководните државни позиции поставува максимално послушни и лојални аматерски политички криминалци, кои својата послушност и лојалност спрема лидерот ја наплатуваат преку користење на сите можности за криминал кои се појавуваат. Затоа и не е чудно што толку многу луѓе, штом ќе дојдат на некоја раководна позиција во државата – веднаш почнуваат да ја злоупотребуваат, некои подискретно а некои и поотворено. Па сега е можноста, нели, да се искористи нешто, кој знае друг пат дали ќе ја има!
Теоријата исто така вели дека, за да се спречи криминалот, треба да се спречат можностите за вршење на криминал. За да се спречат можностите за аматерски – примарно е да се спречат можностите за професионален политички криминал, зошто професионалниот политички криминал ги создава можностите за аматерски политички криминал. Значи во Македонија, а и секаде во светот, не е главен проблем аматерскиот политички криминал – митото и корупцијата, туку главен проблем е причината за можностите за аматерски политички криминал – професионалниот политички криминал. А ако веќе рековме дека главна алатка и причина за професионалниот политички криминал во Македонија се ЗАТВОРЕНИТЕ ИЗБОРНИ ЛИСТИ, тогаш решението на сите поголеми проблеми во Македонија, како и во сите слични земји, е многу едноставно и само се наметнува – промена на изборниот систем и воведување на ОТВОРЕНИ ИЗБОРНИ ЛИСТИ! Со отворените листи изборната моќ веќе не е кај лидерот туку е кај нас граѓаните, и со тоа се спречуваат можностите за професионален политички криминал: ние граѓаните ќе стопанисуваме со нашиот буџет во сопствен, а не во интерес на некој лидер или тајкун, и за контрола ќе ги користиме сите алатки кои ни стојат на располагање – државните контролни механизми, медиумите, граѓанските организации и сл. Ова не е измислување на топла вода, вака веќе функционираат развиените западни држави кои имаат отворени изборни листи, па затоа таму нема организиран политички криминал – и државите напредуваат.
Каква е ситуацијата во Македонија моментално? Лидерите на големите партии се во постојан контакт и никако не можат да се договорат за клучните услови за добивање на датум за преговори со ЕУ – законот за обвинителство, промената на изборниот закон и воведувањето на една изборна единица со отворени листи, кои началници да ја водат полицијата за време на изборите, и триста други варијанти. Тоа е така, едноставно – затоа што им се може, тоа им го овозможуваат затворените изборни листи – главни се лидерите и кој го ферма народот. Си ја имаат можноста и си ја користат, се „караат“ сложно и братски, а во ЕУ – колку подоцна толку подобро! А како се само единствени кога треба да си изгласаат покачување на платите или дневниците – од нашите пари од буџетот! Тие очи ќе си извадат во меѓусебната борба кој да дојде на власт за да владее со нас граѓаните и со нашите пари, но се максимално сложни власта од нивни – да не се врати во нашите раце, на граѓаните, преку отворените изборни листи. Тоа е само уште еден доказ дека во моментов мафијата ја има окупирано нашата држава со помош на затворените изборни листи, и дека сегашните политички елити ревносно и служат на мафијата! Таа многу професонално го испланирала и долги години го спроведува тој професионален политички криминал, и нема намера сама да се откаже од него со воведување на отворените изборни листи – па ако треба и крв нека падне! Можеме секојдневно да ги гледаме слаткоречивите лидери и пратеници на ДПМНЕ, ДУИ и СДСМ, и да следиме како мафијата со помош на слаткоречиви, интелегентни и преплатени луѓе ни го пере мозокот и не тера меѓусебно да се убиваме, постепено и со уживање, за инает на другите!
Можевме да видиме и каква паника во раководствата на големите партии внесе иницијативата за измена на изборниот закон и за воведување на отворените листи, а можеме само да замислиме што сѐ се случувало во позадината во врвот на мафијата, кај луѓето што со помош на затворените листи и аматерските политички криминалци раководат и владеат со Македонија. Молкот околу темата за отворени изборни листи, и нивното отворено одбивање од ДПМНЕ и ДУИ, само ја покажува слабата точка каде што треба да се удри мафијата, таму каде што се најчувствителни – во затворените листи! Сега имаме историска можност на изборите во април да гласаме, во што поголем број, за малите партии кои нудат итна промена на изборниот модел и воведување на ОТВОРЕНИ ИЗБОРНИ ЛИСТИ, па така да забиеме глогов колец во срцето на мафијата во Македонија – и да ја уништиме! Сѐ е многу едноставно, но отпорот на мафијата ќе биде голем. Таа сега е пребогата и премоќна, ги има сите полуги на државата и медиумите во свои раце – „мафијата во Македонија има своја држава!“. Ќе ни треба многу мудрост и снага да издржиме во борбата до крај, на денот на изборите да не потпаднеме под манипулациите, уцените и заканите – и да гласаме за партиите кои нудат итни ОТВОРЕНИ ИЗБОРНИ ЛИСТИ! А по победата и нивното воведување – се ќе биде поубаво и полесно во Македонија, и конечно ние граѓаните, преку својата држава и со отворените листи, ќе ја ставиме мафијата под наша контрола!
Мудроста вели: некои луѓе може да ги лажат граѓаните некое време, но не можат цело време! Ние граѓаните се опаметивме, видовме што ни донесоа затворените изборни листи – владеење на мафијата, сиромаштија и организиран криминал, и решивме да ставиме крај на тоа со гласањето во април за ОТВОРЕНИ ИЗБОРНИ ЛИСТИ! Дали четвртиот Илинден за Македонија ќе биде на 12.04.2020 година ?
Автор: Елизабета Најдоска Величкова
