Полскиот претседател Навроцки: Путин е подготвен да нападне и други држави
Рускиот претседател Владимир Путин е подготвен да ја прошири агресијата и кон други држави по одлуката да започне војна во Украина, предупреди полскиот претседател Карол Навроцки, пренесе АФП, јавува БГНЕС.
„Не веруваме во добрите намери на Владимир Путин,“ изјави Навроцки на заедничка прес-конференција со финландскиот претседател Александер Стуб во Хелсинки.
Полска и Финска, двете членки на НАТО кои имаат граница со Русија, беа длабоко загрижени поради инвазијата на Москва врз Украина во 2022 година.
„Додека чекаме, секако, долгорочен мир, траен мир кој е неопходен за нашите региони, ние веруваме дека Владимир Путин е подготвен да нападне и други земји,“ нагласи новоизбраниот полски претседател.
Тој додаде дека Варшава ги развива своите вооружени сили и ги јакне сојузничките партнерства, без да открие конкретни мерки.
Навроцки истакна дека „архитектурата на безбедноста“ во целиот регион е променета и дека претседателот на САД, Доналд Трамп, е „единствениот лидер на слободниот свет“ кој може да го принуди Путин да седне на преговарачка маса. Минатата недела, Трамп понуди да испрати дополнителни војници во Полска, откако го пречека својот полски колега во Белата куќа со воен парад.
Финскиот претседател Стуб, кој редовно комуницира со Трамп последните месеци, предупреди дека Путин продолжува да ги користи „вообичаените тактики на одолговлекување“ и оти не може да му се верува.
Слични предупредувања дојдоа и од германскиот канцелар Фридрих Мерц, кој на 8 септември изјави дека „империјалистичкиот план на Путин нема да заврши со освојувањето на Украина“, туку тоа ќе биде само почеток.
