| | |

„Помирителот“ Орбан- протекторот на српско-руската политика во Македонија

Пишува: Атанас Величков

Идолот на многу бугарски „националисти“ Виктор Орбан се понуди за посредник во дијалогот меѓу Бугарија и РС Македонија. Таа негова благородна намера, беше соопштена од самиот него, додека држеше заеднички прес со еден од „најголемите пријатели на Бугарија“, што ќе останат запишани во историјата, а имено премиерот на РС Македонија Христијан Мицкоски.

Првиот дипломат на Бугарија Иван Кондов, експресно ја одби таа понуда со изјава за бугарската информативна агенција БГНЕС со јасната порака дека условите пред Република Северна Македонија се познати и нема потреба од посредник меѓу двете земји.

Оптимистите, оние кои се восхитуваат на „независната“ политика што ја води Виктор Орбан, најверојатно се разочарани од фактот што Бугарија не го сака него, а и било кој друг за посредник, за нешто, за кое воопшто не треба да се посредува!

Зарем не се јасни условите што треба да ги исполни РС Македонија? Преговарачката рамка е прифатена од сите 27 земји членки на Унијата и од самата земја што сака да стане дел од ЕУ.

Софија неколку десетици пати соопшти дека нема нови услови за Скопје. Зошто тогаш би било потребно Орбан да влегува во улогата на Метју Нимиц? За што воопшто треба да се преговара? И што воопшто успеа да „преговори“ Метју Нимиц?

Реципрочно признавање на малцинства? Македонските Бугари не бараат да бидат признати од официјално Скопје.Тие се родени во таа држава и нивните предци се бореле за истата следејќи ги идеалите на Иван Михајлов, за самостојна, слободна и независна македонска држава. Македонските Бугари не би прифатиле внесување во уставот на РСМ, ако тоа би значело признавање на македонско малцинство во Бугарија и промена на карактерот на бугарскиот устав. Тоа официјална Софија го знае, а сме убедени дека и РС Македонија е запозната.

Изградба на нова рута на железничката пруга во рамките на Коридор 8? Идеја која има за цел да биде „продадена“ како нов патриотски подвиг на Христијан Мицкоски и неговиот тим, со главен иницијатор Александар Николоски. Поврзување на Скопје со Софија, не преку најкраткиот пат преку Крива Паланка, туку преку кружење низ цел источен дел на земјата и конекција со Благоевград или Петрич во Бугарија. Тоа во главите на првите луѓе во ВМРО-ДПМНЕ значи симболично обединување на Вардарскиот и Пиринскиот дел на Македонија. Така стокмена оваа идеја ќе им биде дадена на гласачите, како доказ за „неисцрпниот патриотизам“, чии главен извор е токму партијата на власт.

Историската комисија за „ваша и наша историја“? Како што рече Христијан Мицкоски во Благоевград, во времето кога беше во опозиција „Вие читајте си ја вашата историја, ние ќе си ја читаме нашата“. Тоа е прекрасно, но има неколку мали проблеми, кои не можат да бидат решени со ние нашето-вие вашето. Гоце Делчев загинат пред 121 година, како Бугарин стана етнички Македонец за македонските историчари, дури по 1952 г. Организацијата создадена во 1893 г. во Солун од Бугари, од македонска организација во регионална смисла, се претвори во македонска во етничка смисла. Не е завршена македонизацијата на Тодор Александров, а веќе се пробува теренот и за македонизација на Иван Михајлов. Сите тие потези имаат за цел да ги остават македонските Бугари да лебдат во воздух. Да се избрише бугарскиот карактер на културното наследство на преродбениците, на борбата на револуционерите и на комитите. Да се дојде до момент во кој, секој би се запрашал, зошто Бугарите во РС Македонија ја слават ВМРО и нејзините припадници, кога тие се чисти Македонци, кои заради некаков интерес се изјаснувале како Бугари. Нема наша и ваша историја, како што нема историја во која Хитлер и Сталин или Пол Пот биле хуманитарци. Историјата е наука и се потпира на документи, артефакти и други извори, сѐ останато е фикција.

Би било добро премиерот Орбан да се погрижи поранешниот премиер на РС Македонија Никола Груевски да се врати во земјата. Сега на власт е неговата партија и не би требало да се плаши од политички прогон. Да се соочи со правдата и да ја победи, ако вистината е на негова страна. Така унгарскиот премиер би бил од многу поголема корист за државата, на која ѝ се претставува како голем и историски пријател.

Во однос на Бугарија, Орбан не треба да направи огромни жртви, доволно е само да даде насоки на медиумите во РС Македонија, кои се финансираат со унгарски капитал, да прекинат да ја водат историски најжестоката антибугарска кампања.

Така би се покажал како вистински пријател на Софија, а и на Скопје бидејќи видовме до што ја доведе земјата, секојдневната антибугарска пропаганда во медиумите.

Се сомневаме дека премиерот Орбан ги познава емоциите во Бугарија, кога ќе се спомне Македонија. Знае ли тој дека романтизмот си замина од Софија? Дојде време на прагмата, затоа денеска нема потреба од посредници меѓу двете земји. Покрај современите етнички Македонци во РС Македонија живеат и македонските Бугари и тие луѓе не се „други“. Тие луѓе имаат достоинство и додека во РС Македонија истите можат да бидат етикетирани, понижувани и деградирани, без последици, дотогаш таа земја ќе биде далеку од ЕУ, не само формално, туку и духовно.

Слични Објави