Помошта од европските сојузници пристигнува во Бугарија
Изминатите 24 часа беа исклучително тешки за Бугарија – на територијата на државата избувнаа дури 236 пожари. Ова го соопшти директорот на Дирекцијата за противпожарна безбедност и заштита на населението, главен комесар Александар Џартов, за бугарската Нова ТВ, пренесува БГНЕС.
„Го активиравме Механизмот за цивилна заштита и денеска очекуваме да пристигнат четири хеликоптери од Чешка, Словачка, Унгарија и Франција, како и два авиони од Шведска. Тие треба да стигнат во текот на попладневните часови. Доброволците можат да се пријават кај градоначалниците по општини или да се обратат до Националната асоцијација на доброволците во Бугарија,“ изјави Џартов.
Најголемиот пожар моментално е во општина Струмјани, над селото Илинденци. „Синоќа огнот се прошири неконтролирано и моравме да ги евакуираме екипите од терен. Вториот по големина е во реонот на градот Трн, а третиот – кај селото Лесово, кој сè уште не е ставен под контрола, но нема опасност за населбата. Дел од огнот веќе ја премина бугарско-турската граница,“ додаде тој.
Според Џартов, за среќа досега нема информации за повредени лица или луѓе во непосредна опасност. Меѓутоа, временската прогноза за денеска најавува повторно силен ветер и високи температури, што дополнително ќе ја отежне состојбата.
Како главна причина за пожарите, директорот ја посочи човечката негрижа – неисправна земјоделска механизација и фрлање незагасени цигари.

