Поради експлозија евакуиран 12-члениот екипаж на товарен брод во Црното Море
Поради експлозија е евакуиран 12-члениот екипаж на товарен брод во Црното Море, во близина на делтата на реката Дунав, објави Ројтерс, пренесува БНР.
Нема информации за повредени меѓу морнарите, меѓу кои има Турци, Египќани, Либанци и Сиријци.
Причината за експлозијата, која го зафатила моторниот простор на бродот, се разјаснува. Романските власти испратија миночистач и специјално обучени нуркачи во реонот.
Во моментот на експлозијата, бродот натоварен со цемент се наоѓал во романските територијални води на 7 морски милји од пристаништето Сулина, каде што го чекал својот ред да влезе во каналот Бистро, на украинската страна на реката.
Делтата на Дунав е меѓу најпрометните сообраќајни области на Црното Море во последните два месеци откако Русија се повлече од Договорот за жито.
Поради заканата за Одеса и блиските пристаништа, Украина главно се потпира на пристаништата во Дунав за извоз на жито.
