ПОРТУГАЛИЈА ГО КРЕВА МИНИМАЛЕЦОТ НА 740 ЕВРА БРУТО МЕСЕЧНО
Социјалистичката влада на Португалија, која се обврза дека ќе ја зголеми минималната плата за 25 отсто за четири години, идната година ќе ја зголеми за речиси шест проценти, кажа вчера министерката Ана Мендеш Годињо.
Минималната плата во рок од 12 месеци ќе биде зголемена на 740 евра бруто месечно, додека сега изнесува 700 евра.
Во Португалија минимална плата имаат 720.000 луѓе.
Социјалистичкиот премиер Антонио Кошта, кој е на власт од 2015 година, а мандатот му е обновен на последните парламентарни избори во октомври, се обврза на ревалоризација на минималната заработувачка секоја година за да порасне кумулативно за 25 отсто во 2023 година.
Социјалистичката влада има намера да ја продолжи социјалната политика напоредно спроведувајќи консолидација на јавните финансии почната во претходниот мандат благодарение на подобрувањето на состојбата на стопанството.
Ова овозможи да се запре политиката на штедење што ја водеше владата на десницата кога Португалија, која тешко ја погоди должничката криза од 2011 година, се најде под надзор на Европската Унија и на Меѓународниот монетарен фонд.