„ПОСЛЕДНА ГРАНИЦА – КНИГА ПРВА: ИСТАПЕНИ СЕЧИЛА“ НАЈНОВИОТ НАУЧНОФАНТАСТИЧЕН РОМАН ОД ЗОРАН МИЛОШЕВСКИ
Во првата половина на 22-от век, демократијата како облик на општествено уредување веќе одамна не постои и заменета е со неократијата, милитаристичко општество, чијашто главна и единствена цел е да се зачува планетата Земја и да се поттикне човековата еволуција.
Во времето кога во Европа и Африка царува наследникот на античката Римска империја ̶ моќната Медитеранска Унија, кога Азија ја делат Сесловенскиот сојуз и Синг Федерацијата… кога Јужна Америка е една огромна држава, а од пеплиштата на некогашните САД, се издига молчаливиот Тексашко-алигенски сојуз, во архипелагот острови кај некогашно Чиле, се раѓаат Големите Куќи.
Анести Симон Рико, младиот центурион и поданик на Големата Куќа Рико, ќе се најде во беспоштедна борба за својот и животот на неговите најмили. Борба против останатите Големи Куќи и мистериозното Братство на Интервентите, коешто има свои планови за иднината на човештвото. Борба што ќе ја измени историјата и ќе им даде сосема поинаков тек на настаните.
„Последна граница: Истапени сечила“ е првиот дел од научно фантастичната авантура, исполнета со eксплозивна акција, беспоштедни битки и блицкриг војни. Авантура што ќе ве држи напнати до последната страница и нема да ви дозволи да мислите на ништо друго, освен на нејзиното продолжение.

