ПОСЛЕДНИОТ ВОЗ НА ИСТОРИЈАТА

//

Воспоставената практика, при секое закочување на институционален процес, најчесто во законодавниот дом на Република Македонија, истиот се деблокира со т.н „ лидерски средби“. Истите се одржуваат во состав од претставници на т.н „ голема четворка“, односно четирите најголеми политички партии во државата, по две од т.н „ македонски или албански политички блок“. Овој начин на неинституционално делување и дејствување ја дерогира, деградира и дезавуира работата, па и самата суштина на Парламентот, како највисока институција во републиката, во која се носат законите, односно нормите за општественото живеење на граѓаните. Како оваа практика стана вообичаена за македонската јавност, граѓаните, невладините организации и целокупното општество , па истите многу малку, бегло и без посебна сензибилност реагираат на оваа несвојствена појава која го зафати политичкиот систем во земјата?

Маѓепсан круг

Западните демократии, со уредени и функционални институции, секој проблем, или препрека во системот, го надминуваат внатреинституционално, преку механизмите и алатките за дејствување. На брдовитиот Балкан, политичарите, најчесто институциите на системот ги поимаат како проформа; нешто кое мора да постои, ама најчесто се заобиколува, односно се „ излегува“ од него, бидејќи менталитетот на Балканецот е да функционира надвор од воспоставените правила и прописи на едно општествено уредување. Политичката (не)култура кај нашите политички елити, нивниот „ македонски“ инает, мачоменството во политиката, суетата и тврдоглавоста се одлики кои го туркаат општеството до ѕид/ поларизирајќи ги граѓаните до степен на невидена подвоеност, најчество по партиска линија. Но кога, освен партиската, поделбата ќе стане повеќеслојна, од етнички, религиски, социјален и друг аспект, тогаш навистина „ ѓаволот ја однел шегата“, бидејќи настапува општествен хаос. Концентрирана омраза, непочитување на основни правни норми на поведение и однесување, своеволие, безсистемност, се одлики на faild state’s, односно на неодржливи држави. Токму самоодржливоста на државата ја прави таа да е независна, односно да не биде протекторат на центрите на моќ од силната меѓународна заедница. Доколку истата претставува опасност по стабилноста на опкружувањето, „ туторството“ над неа го преземаат посилните.

Излезот од тунелот



Членството во НАТО алијансата треба да биде токму тоа, заокружување на капацитетноста на македонската држава да биде самоодржлива, да не претставува потенцијален перманентен извор на балканска експлозија, односно конечно „ големите да ги дигнат рацете од нас“, третирајќи не како нормален политички субјект кој може самостојно да функционира. Во прв ред, членството во однос на македонската специфика е и гарант за унитарноста на територијалниот карактер на државата и конечно отстранување на „темните облаци на федерлизацијата“, кои практично висат над Македонија, од самиот почеток на нејзината независнот. Историските процеси се незапирливи и постојано течат, и се менуваат во зависност од констелацијата на меѓународните односи. Македонците добија држава кога се поклопија геополитичките констелации за создавање на истата , во виорот на Втората светска војна, и потоа. Република Македонија, токму поради тие констелации, пропушти неколку шанси денеска да биде дел од големото семејство на НАТО и ЕУ, заедно во ред со останатите источноевропски земји кои денеска се полноправни членки, и со дел од балканските. Овој пат последниот воз на историјата не смееме да го пропуштиме, бидејќи следен историјата можеби воопшто и нема да ни прати. За да не останеме како јапонското куче кое до крајот на својот живот останало на железничката станица да го чека својот стопан, кој никогаш не се вратил.

Автор: Благојче Атанасоски, историчар, м-р по политички науки



Претходна статија

ДАНЧИЛА: НЕОПХОДЕН Е УСПЕШЕН РЕФЕРЕНДУМ ЗА ИНТЕГРАЦИЈА ВО НАТО И ЕУ

Следна статија

#БОЈКОТИРАМ

Најново од Истакнато