Последните „неколку стотина Мохиканци“ што се изјаснуваат како Бугари во Република Северна Македонија
Пишува: Атанас Величков
Резултатите од пописот во Албанија и фактот што бројот на Бугарите таму три пати го надминува бројот на запишаните како Македонци, сѐ уште ја бранува јавноста во Република Северна Македонија. Дали овој дебакл, беше очекуван? Може би, првите луѓе во државата очекувале, дека можат да се јават одредени „девијации“ од оптимистичките тврдења дека во Албанија „Бугари се само вработените во амбасадата на Бугарија во Тирана“, но реалноста покажа нешто сосема друго. Доктрината од времето на СФРЈ дека во РСМ нема Бугари, а во соседните земји има компактни македонски малцинства се распадна. По пописот во Албанија тоа веќе може да се види и со математичка прецизност, така омилена на премиерот Мицкоски.
Тој најдобро знае што му кажувале неговите соработници од јатото на Едмонд Темелко. Дали го убедувале дека Бугарите немаат шанса да поминат поголема бројка од 30-на дипломатски службеници и нивните семејства или пак го предупредувале дека може да се случи нешто сосема друго, да речеме еднакво на катаклизма.
Додека траат овие пописни страсти, премиерот Мицкоски се најде во Универзитетот „Џон Хопкинс“ во Балтимор, како дел од неговата посета на Соединетите Американски Држави, каде што македонската делегација следните денови учествува на Самитот на НАТО. Таму тој одржа предавање и повторно истакна дека во РСМ има „неколку стотина наши сограѓани“ кои се дел од бугарското малцинство.
Претходно истата таа небулоза дека во земјата има неколку стотина Бугари Мицкоски ја изјави како коментар на децидниот став изразен од амбасадорката на САД во Република Северна Македонија Анџела Агелер, дека ниту Договорот со Бугарија може да се репреговара, ниту може преговарачката рамка да се менува, а не може и Преспанскиот договор да не се спроведува. Во однос на Преспанскиот договор Мицкоски веќе си го припрема брашното за erga omnes легнување, но во однос на Договорот со Бугарија и „Францускиот предлог“ сѐ уште ја покажува онаа патриотска гордост, така потребна за пред јавноста.
Освен даскал, премиерот на Република Северна Македонија е и јунак. Покажува одлучност и држи предавања во кои со потсмев зборува за неколку стотина Бугари во Македонија. Со тоа тој се потсмева и на Бугарија, со чии претставници нели немало да има проблем да седне и да разговара „откако ќе се направи влада во Софија“. Мицкоски вели дека тој и неговите луѓе се политичари без криминални и корупциони наводи, затоа можат да ги штитат македонските интереси и да разговарат со аргументи. Тоа звучи прекрасно, но аргументот дека во Македонија има само неколку стотина Бугари, е валиден исто толку колку што одговара на вистината онаа несреќна изјава на Васил Стерјовски, десната рака на Едмонд Темелко дека во Албанија Бугари се само вработените во бугарската амбасада во Тирана и нивните семејства.
Мицкоски за Бугари во Македонија ги смета само снаите и зетовите овде што се дојдени од Бугарија. Тие може и да се неколку стотина, но проблемот се крие кај оние другите. Тие што не дошле од Софија, Пловдив, Стара Загора или Јамбол поради љубов и создавање на семејства, а се родени во Скопје, Битола, Охрид, Прилеп, Кавадарци и се изјаснуваат како Бугари. Нивното постоење е проблем за македонизмот. Тоа се луѓето што треба да бидат мирни и да не излегуваат во јавност со некакви бугарски ставови, оти изнесувањето бугарски ставови, во Република Северна Македонија не е добро прифатено. Оти, тие кои го гласале Мицкоски „за да го врати името“ се убедени дека, да си Бугарин од Македонија, роден во Македонија, а не дојден од Пазарџик е противдржавно дело за чие сузбивање се надлежни службите.
Според последниот попис што се спроведе во Република Северна Македонија како Бугари се изјасниле малку над 3500 луѓе. „Пописните резултати“ во Софија, во институциите, кои се надлежни за доделувањето на бугарски државјанства, велат дека над 120 илјади граѓани на РСМ добиле такво државјанство врз основ на потекло. Сите тие официјално потпишале декларации дека се чувствуваат Бугари. Бидејќи премиерот Мицкоски, сака да биде математички прецизен и да ги спомнува оние фамозни 14 пресуди од Стразбур (кои реално се 6), повикувајќи се на нив како документ, тој знае дека и во Бугарија има документи. Тука не станува збор само за потпишани декларации за бугарско потекло, во Бугарија има документи и за тоа чиј дедо, каква пензија барал и како каков се изјаснувал во молбата до надлежната бугарска институција. Има сѐ црно на бело. На полето со документи Република Северна Македонија нема никаков шанс со Бугарија. Оти документите се немилосрдни. Тие се факт, што не може да се смени.
Затоа професорот и премиер Мицкоски треба да сврти кон логиката на точните науки, таму тој е најсилен. Се пак е професор на Машинскиот факултет во Скопје. Факултет што бара точна и прецизна математичка мисла. Мисла, која не се потпира на глупави квазипатриотски изјави. Мицкоски знае, а ако не знае ќе разбере дека, како што Преспанскиот договор е факт, со кој треба да се живее, факт се и Бугарите во Република Северна Македонија, кои не се неколку стотина, туку многу повеќе. Бугарите во РСМ не се неколку стотина последни Мохиканци, ако Мицкоски не сака да го прифати тоа, значи се плаши, а со страв ниту се води држава, ниту се создаваат навистина добри меѓусоседски односи, па макар биле тие и двонасочни.