„Прагматизмот“ на Лозанчев и прагматизмот на еден Србин македонист со бугарски пасош

///

Пишува: Атанас Величков

Прагматизмот по дефиниција е филозофски правец од втората половина на XIX век, кој ја негира објективната вистина и препознава само практични резултати како критериум за објаснување на филозофските идеи. Меѓу другото токму XIX век е најспомнуваниот од страна на „новокомпонираните вљубеници“ во Бугарија, кои во изминатиов период се натпреваруваа преку сите можни медиумски канали да ја обвинуваат официјална Софија дека е заглавена токму таму.

За прагмата на еден од водачите на Илинденско-Преображенското востание од 1903 г. се осуди да пишува Далибор Станковиќ (Нова Македонија), еден од најистурените медиумски „борци“ против „бугаризацијата“ на Република Северна Македонија. Отворил колегата во спомените на Анастас Лозанчев и како еден идеолошки наследник на оние, кои ја пишуваа историјата на Македонците како торта, земи од овде, додај од таму, извадил една изрека од документираните спомени на војводата, за долгот од 100 гроша и вратените 10, со една единствена цел да го представи како некаков лукративен лик подготвен на сè за да добие дури и минимален финансиски бенефит.

Колегата Станковиќ дури се охрабрува во прав текст да напише дека „во екот на бугарскаТА фашистичкаТА окупацијаТА на Македонија, Лозанчев во замена за бугарска државна пензија во Битола ги убедуваше Македонците дека се Бугари“. Правописните грешки на авторот, најверојатно се должат на неговиот бес и одбивност кон вистината, која не може да се погледне мултиперспективно или да се прочита како што ѓаволот го чита Евангелието.

Во написот на колегата Србин, кој себе си се нарекува македонист и кој признава дека има бугарски пасош, Лозанчев е определен како контроверзен лик. Тоа не би требало да нè изненадува, бидејќи листата со контроверзни ликови ќе се зголемува со секој чекор на објективизацијата на историјата пишувана некогаш според југословенската прагматичност. Таа прагматичност е повеќе од едноставна-контроверзни се сите македонски револуционери, кои успеале да остават спомени во кои јасно ја искажуваат својата бугарска етничка припадност. Дали во списокот на контроверзните, ќе биде запишано и името на Гоце Делчев само времето ќе покаже.

Но кој е „контроверзниот“ Анастас Лозанчев?

Лозанчев е роден на 8 април 1870 година во Битола. Ја завршил Бугарска машка гимназија „Свети Кирил и Методиј“ во Солун и студирал фотографија во Софија. Работел како егзархиски (бугарски) учител во битолските села Смилево и Могила, работел и како фотограф во Битола. Лозанчев е еден од првите дејци на ВМОРО и член на Битолскиот окружен револуционерен комитет. Бил делегат на Солунскиот конгрес (2-4 јануари 1903) и на Смилевскиот конгрес на Битолскиот револуционерен округ (април 1903). За време на Илинденско – Преображенското востание, заедно со Дамјан Груев и Борис Сарафов, бил член на Главниот штаб на востанието во Битолскиот револуционерен округ. По востанието ја продолжил својата илегална организациска дејност во Битола до септември 1904 година, по што се преселил да живее во Софија. За време на Хуриетот и војните, кога Македонија била ослободена, извесно време повторно живеел во Битола и учествувал на Илинденските прослави во 1942 година. Во 1919 година учествувал во активностите на Привременото претставништво на обединетата поранешна ВМРО. Во текот на животот го бранел ставот што го зазел на Солунскиот и на Смилевскиот конгрес за неопходноста и навременоста на Илинденско – Преображенското востание во 1903 година. Пишува мемоари и написи во кои повторно јавно ги брани своите ставови. Починал во Софија на 8 ноември 1945 година.

Во спомените од каде што Станковиќ го вади делот за грошовите, Лозанчев навистина дава една контроверзна изјава, но колегата од „Нова Македонија“ изгледа одлучил дека истата не е во интерес на неговата цел. Еве што ќе каже Лозанчев во неговите спомени:

Јас сум за Македонија да биде член на вистинска Демократска федеративна Југославија како прва етапа, за втора етапа го сметам, не присоединувањето на Македонија кон Бугарија, како што се мислеше некогаш, туку нешто обратно – присоединување на Бугарија кон една целосна вистинска Демократска федеративна Југославија, а во третата етапа, таа Југославија да се влее во големото море на СССР. Ако се случи тоа, тогаш ќе имаме еден реален сојуз на сите словенски народи“

Ова искажување на симпатија кон СССР изгледа не му се видело интересно на колегата Станковиќ, најверојатно поради фактот што веднаш по тие редови следува следното признание од страна на Лозанчев:



Јас не само што не го одобрувам, туку и протестирам против тој повик против се што е бугарско, нашите синови не можат, дури и да стојат на највисоко место како Неговата Екселенција г-дин Лазар Кулишевски… ниту мојот пријател Дим. Влахов да не учат дека сме само Македонци, а не македонски Бугари. Јас лично сум Бугарин и пред да постоела бугарска Егзархија и бугарска држава. Мене ме учел дека сум Бугарин мојот татко. Мене ме учел дека сум Бугарин, оној голем Бугарин, којшто се нарекуваше Глигор Прличев…“.

Навистина контроверзни и разурнувачки за македонизмот на колегата Станковиќ редови. Истите се разбира нема потреба да бидат цитирани од него во неговиот текст, бидејќи неговата идеја е да го омаловажи ликот и делото на Лозанчев, кој нели заради една бугарска пензија ги убедувал Македонците дека се Бугари.

За да бидат уште потрагикомични обидите на Станковиќ, да блесне со „прекрасниот пример“ за прагматизмот на илинденецот Лозанчев, треба да напоменеме дека последниот потекнува од богата еснафска битолска фамилија и немал преголема потреба од бугарска пензија. Колегата Станковиќ треба исто така да знае дека Лозанчеви одсекогаш биле бугарска фамилија, која била почитувана, за разлика од фамилиите на србоманите и на гркоманите во Битола. Лозанчеви оделе во бугарската црква „Света Богородица“, каде што одат и до денешен ден, а се закопувани на бугарските гробишта во црквата „Света Недела“ до бугарското маало Јени маале.

Најголемата иронија во случајот со овој комичен напис на колегата Станковиќ е фактот што токму тој Србинот, којшто себе си се нарекува македонист, поседува бугарски пасош поради прагматички причини.

Во својата колумна „Господа, се гледаме во Софија!“ објавена на 12 декември 2020 г. во дневниот весник „Нова Македонија“, Станковиќ во контекст на тоа дека државјаните на Република Бугарија од Северна Македонија треба да почекаат регистрација на партијата ОМО Илинден-ПИРИН и сите да гласаат за истата на избори ќе напише „Да, имам бугарски пасош и граѓанин сум на Бугарија! Можеби сум македонист, но понекогаш треба да се биде прагматичен. Господа, се гледаме во Софија!“. .

Нема логика во тоа, прагматичниот Станковиќ да ја осудува наводната прагматичност на Лозанчев, но во минатото сме се нагледале и на далеку поглупави обиди за одбрана на македонизмот и неговиот чисто антибугарски карактер. Срамот ќе биде гратис, а пофалбите од лажните фејсбук профили и изветреани ликови- бонус. Хонорарот исто така е од големо значење, бидејќи само прагматични луѓе пишуваат глупости, за други луѓе, па макар и починати, за да видат некој денар плус на своите банкарски сметки. Од ова попрагматично однесување, Амин!

Времето во кое Срби, Југословени, србомани и гркомани ја пишувале македонската историја поминува. Им поминува времето и на оние како Станковиќ, кои си дозволуваат јавно да ги омаловажуваат нашите македонски револуционери заради нивната бугарска етничка припадност. Тоа е основната причина за бесот кај тие луѓе и којшто го видовме да се манифестира на последните антивладини, антиевропски и пред се антибугарски и шовинистички протести во Скопје. Нормализацијата, а не бугаризацијата е таа што ги плаши трагичните ликови како колегата од Нова Македонија. Нормализацијата која доаѓа рака за рака со објективизацијата на историјата, за која вреди да почекаме уште некој месец, па потоа со чист образ да се видиме не само во Софија, но и во Скопје.

И сосема за крај, нека не го валкаме името на Анастас Лозанчев со медиокритетски писанија, заради елементарни потреби, па макар и истите да се прагматични по својот карактер. Не е воспитано и во најмала рака е одвратно.

Претходна статија

Одбележуваме 185 години од раѓањето на Апостолот на бугарската слобода Васил Левски

Следна статија

Чавдар Стефанов за БНР: Додека Путин е жив во Русија ќе има диктатура

Најново од Истакнато