Пратениците го поддржаа Законот за забрана на експлозивни материи и пиротехнички средства во затворени простории
Со 87 гласа „за“, без гласови против и без воздржани, пратениците го поддржаа Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за прекршоците против јавниот ред и мир. Законот беше предложен од ВМРО-ДПМНЕ и усвоен по скратена постапка. Со ова, се забранува пиротехника во затворен простор, а доколку има ќе следуваат драконски казни.
Измените доаѓаат по трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“ на 16 март, во која загинаа 59 млади лица, а околу 200 беа повредени.
Според новите измени:
Се забранува користење на експлозивни материи и пиротехнички средства во затворени простории. Се зголемуваат глобите за прекршителите, а за повторен прекршок се предвидува притвор. Полицијата добива зголемени надлежности за превенција и постапување во случај на нарушување на јавниот ред и мир.

