| |

Права без обврски, држава за пари

Facebook статус на Никица Корубин

Дека синдикалните протести се подложни на партиска инструментализација не е никаква новина. Исто како што не е никаква вест и дека без разлика на нивната легитимност и потреба, кога станува збор за правата (секогаш за плати) многу ретко кој мисли на државата како систем, а многу често како каса. “Азно со злато” од кое секој треба да си земе, колку што ќе посака. Трезор за “нашите пари”, кои треба да се користат за “нашите плати”.

Но, за потешкиот дел, како се стигнува до “нашите пари” и особено до “нашите плати” никој не сака да зборува. А, особено “најповиканите”, партиите, кој нели во системот на партократска контрола на секој наратив, најдобро знаат како функционира системот на буџет во една држава. А, сепак кога се во прашање парите и платите, но и субвенциите од секаков вид, решаваат брутално да манипулираат и лажат. На штета на истата држава.

Тој наследен социјалистичко/комунистички систем на “платите се обезбедени” без разлика на ефектот, ефикасноста и продуктивноста, или жаргонски кажано “на сработеното”, се чини дека се’ уште доминира кај административно вработените, односно нашата државна администрација. Протестите се речиси секогаш “за повисоки плати”, а речиси никогаш “за повисок квалитет”.

Затоа што повисоката плата, по автоматизам не значи и повисок квалитет, кој всушност е и заедничкиот интерес на граѓаните, кога станува збор за функционирањето на институциите и/или услугите што тие ги даваат. Зарем не се битни условите на работа, системот на организација, методологијата, дигитализацијата; зарем не е најбитен квалитетот, вештините и образованоста на самите вработени? За тоа протести нема? Тука премолчената солидарност е најголема. Молкот за партизацијата, непотизмот и привилегираноста. И солидарност со истата. Добиени права, без речиси никаква обврска.

Тој систем на “права без обврски” е всушност мутацијата кога ќе се спојат формалната и институционална парламентарна демократија и пазарна економија со наследената социјалистичка свест со тоталитарен шмек. Значи имаме “право да бараме”, ама немаме “обврска да даваме”? Симплифицирано?

Веројатно, слично како што е намерно упростен односот кон државата на секое поле: сите говорат за правата, ама никој за обврските. За сите буџетот се “нашите пари” кога е предмет на оправдана критика за сите “знајни и незнајни” злоупотреби и малверзации, ама кога се во пршање платите, тогаш тоа се “нивни пари”. По цена и да се блокира државата.

Онаа која нели сите нам ни припаѓа, само што не сите сме вработени од неа. Вработување, кое, ако се исклучат сите три модели на вработување: партиски, непотистички и клановски; би требало да е слободно. “Слободно” се вработуваш, но и слободно си заминуваш, ако не ти одговараат условите. Пазарна економија, која патем речено функционира за сите останати. Надвор од државата, буквално и метафорички.

Но, што е всушност целта на оваа “замрзната мутација”? Партиска контрола? Партиска уцена? Партиска корупција? Истите што говорат за повисоки плати, говорат против ЕУ. А, како ќе дојдат до тие повисоки плати? Со сопствен учинок или со европски кредит? Истите што говорат за повисоки плати, се против повисоки даноци. А, кој ќе им ги “создаде” тие повисоки плати? Истите што говорат за повисоки плати говорат против Бехтел и Енка. А, како државата и економијата која треба нели да им ги даде тие повисоки плати, ќе комуницира, за да егзистира?

Истите што говорат дека платите за сите требало да бидат “функционерски”, не го кажуваат бројот на функционери, а уште помалку начинот на кој се станува функционер. Не е проблем висината на платата на пратеникот, министерот или судијата, туку одговорноста што следи со тоа. Таа “се плаќа”, а не личноста. А, личноста се претпоставува дека треба да биде квалитетна, образована и способна. Како и за секој кој мисли дека треба да има повисока плата.

И тоа е системот на права со обврски. Нема веќе “држава која се грижи за сите”, “која дава плати и работа”, ја нема веќе 32 години. За оваа држава мора сите да се грижиме. А, прво да се погрижиме сите оние кои ја одржуваат оваа мутација во живот, овој деструктивен популизам, партиски шаблон, и клановска контрола; да кажат нешто за своите “стекнати, наследени и приграбени права”, без никакви обврски кон одржување на функционална држава која речиси и не ја сметаат за своја. За да можеме да почнеме да говориме за вистинските права, и да ги применуваме сопствените обврски. За да имаме држава, од која ќе може било што да се бара. А, понекогаш и да се дава.

Слични Објави