| |

Пред 79 години комунистите го убиваат големиот бугарски хирург Александар Станишев*

Пишува: Јанко Гочев

Еден од најголемите лекари и хирурзи на Бугарија и Европа проф. д-р Александар Станишев е убиен од комунистите по наредба на Москва на 1 наспроти 2 февруари 1945 година на Централните софиски гробишта, а пред неговата егзекуција бил принуден да ја утврди смртта на 106 лица осудени на смрт од комунистичкиот „Народен суд“.

Проф. д-р Александар Станишев потекнува од угледното бугарско семејство Станишеви од градот Кукуш, Егејска Македонија. Дипломирал медицина во Минхен во 1910 година. Учествувал во бугарските војни за национално обединување (1912-1918) како хирург. По специјализацијата во Германија во 1922 г. станал вонреден професор, а во 1928 година – професор по оперативна хирургија. Бил ректор на Софискиот универзитет (1938-1939) и претседател на Бугарското хируршко друштво (1936-1944).

Ја основал Втора хирургија на Медицинскиот факултет и бил нејзин директор до неговата смрт во 1945 година. Во клиниката се извршени над 28.000 операции. Покрај тоа, тој има повеќе од 100 научни трудови, член е на 20 научни академии и здруженија и почесен доктор на три универзитети – во Хамбург, Варшава и Берлин.

Долги години бил потпретседател на Меѓународната асоцијација на хирурзи. Бил признат авторитет во сферата на хирургијата. Познат и авторитетен хирург низ цела Европа. Комунистите не толерирале такви професионални поединци, туку ги убивале по наредба на Москва. Проф. д-р Станишев, според нивното разбирање бил „виновен“ што е Бугарин од Македонија, кој специјализирал во Германија, што бил близок со членовите на ВМРО. Тоа им било доволно на комунистите за да го убијат.

Во своите сеќавања за егзекуциите на осудените од „Народниот суд“ во кобната ноќ на 1 наспроти 2 февруари 1945 г. Царица Јоана пишува:
„Пред да бидат убиени, осудените беа лишени од последната надеж дека повторно ќе ги видат своите најблиски… На софиските гробишта паднаа неколку бомби, отворајќи многу широки ровови. Осудениците беа принудени да се спуштаат во мали групи во близина на овие „готови“ јами. Некој, не гледајќи го формираниот казнен вод, праша дали ќе треба да чекаат на ова место и со овој страшен северен ветер. Брзо беше одговорено дека ќе бидат убиени еден по еден. Навистина, двајца џелати беа спремни со автоматско оружје во рацете… Се чини дека на секој од убиените проф. д-р Станишев му го проверувал пулсот и ставал уво на неговото срце. Тој ја повторил таа активност, толку пати, колку што било потребно, пред и самиот тој да биде убиен“.

* Насловот е на редакцијата



Слични Објави