ПРЕДИЗБОРНА ПРОГРАМА ИЛИ НЕКОЈ НОВ ЗАВЕТ
Како што е тргната работата кај да е некој ќе мора да почне да запишува за ликовите кои ги гледаме на политичката сцена и кои толку многу се загубија во чувството на моќ, што почнаа и самите да веруваат дека се богови кои управуваат со нашите животи исто како и оние пред нив (добри дечки се и едните и другите, па ќе се договорат и за ова како за се друго до сега). Во овај најнов завет очекувам „здрава“ бројка на страници така добро укоричени и од едните и од другите во кои повторно ќе бидат наведени сите оние чуда кои ги гледаме еве веќе дваесет и осум години.
Ако претходно имавме богови кои немаа леб за својот народ, а го хранеа со чоколада, сега имаме чудотворка која покажа како може со 17.000 денари едно четиричлено семејство да функционира цел месц. Сигурно е поведена од тоа дека некој со еден леб го нахранил својот народ, па го очекуваме нејзиното ново чудо да докаже дека со 17.000 ден. ќе функционира истото тоа семејство вклучувајќи ги поблиските и подалечните роднини. Се надевам дека во нејзината хуманитарна мисија ќе го донира поголемиот дел од личните примања… Што ќе и се неа толку пари според нејзината математика?
Имаме и еден исцелител кој неуморно се труди да ги обезбеди сите „иљачи“ за своите луѓе па дури и со двоен увоз, тој се жртвуваше по пат за Брисел и по цена да не го слушне датумот за преговори, кршна накај Виена да го договори тендерот за новиот клинички кој исто така е едно од добро познатите чуда. Секоја чест за овој великомаченик кој предизборно направи чудо и ги слушна оние кои толку време не можеше ни да ги слушне ни да ги види, па најде решение да добијат договори на неопределено време.
По неговите стапки и неговиот колега великомаченик Даме кој се изнамачи да докажи како е позабавно да работиш во нашиот „одличен“ приватен сектор каде има високи плати и се почитуват работничките права отколку во администрација, па со новото предизборно чудо повторно ги отвори вратите на администрацијата која и онака наликува на воз во Индија.
За среќа го имаме човекот со мустаќите (по се изгледа силата му е токму во нив) и кај да е ќе го пресече небото онака исправен со мустаќите напред и со чудо ќе го прочисти загадениот воздух за своите граѓани колку и да се согорува хемиски, радиоактивен или било каков друг отпад исто како некој друг кој направил пат помеѓу водата за да премине својот народ.
Немало правда… има но милоста е една од нивните главни карактеристики, а што би очекувале по изедени педесет килограми апетисани (добро е што не побараа и нектар да му се точи)… Нормално е да се шири само љубов, па така на сите му е простено, сите беа помилувани (на некои до душа му застареа делата, но важно трошоците ги подмири државата), е сега не може баш сите да куртулат како оние кои ја каменуванаа девојката, сепак за влечење коса си ја доби заслужената казна… не дека не треба да има одговорност, туку како тоа тежи многу повеќе од се друго што се случило.
За крај доаѓаме до крилестите пријатели од кои едниот беше најдобриот и најсаканиот, но откако го „протеараа“ чека на одмазда и во меѓувреме ужива, а овај другиот стана насмеаниот кој секогаш знае да каже нешто убаво (па макар и на англиски) и сите го гушкаат… сега се расфрла со пари на сите страни, па ако успее со буџетот ќе проба вгодина од кило пиперки да направи десет кила ајвар…
За да биде приказната комплетна ќе ја поткрепиме со песните од МНТ кои беа само малку погласни така што столчињата сами се корнеа од подот и ѕидовите испукаа наоколу…
Проблемот ќе биде во нас доколку повторно му дозволиме да управуваат со нашите животи и ја уништуваат иднината на нашите деца додека едните се вртиме во круг околу ветената земја, а другите се качуваат на арката…
Автор: Благојче Трајковски, претседател на ГДУ-Битола
