НЕСТОРОВСКИ: НА ЕЛМАС ВО ГЛАВА МУ Е ДА ЈА ОСВОИ „ЗЛАТНАТА ТОПКА“ ЗА ТРИ ГОДИНИ!

Македонскиот репрезентативен центарфор Илија Несторовски во интервју за најугледниот италијански спортски весник „Газета дело Спорт“ посочи дека неговиот соиграч од репрезентатцијата Елиф Елмас има во глава за три години да ја освои „златната топка“.

Елмас летово постави нов македонски рекорд за трансфер откако дојде во Наполи од турски Фенербахче за 16 милиони евра, а Несторовски откри какви цели има младиот фудбалер за врска.

„Елиф има така силен карактер, а веќе три години е во националниот тим и за да ви објаснам кој е, ќе ви кажам само една работа. Тој во глава има да ја освои ‘златната топка’ за три години“, вели Несторовски.

Центарфорот на Удинезе, кој викендов го скрши мразот со првиот гол во црно-белиот дрес посочи дека Горан Пандев е симбол на оваа репрезентација, а тој и македонските фудбалери ќе се обидат да стигнат до Евро 2020.

„Имаме добар тим. Ќе се обидеме на секој начин да победиме во плејофот. Напредуваме! Пандев ме воодушевува секој ден. Има 37 години, а кога ќе дојде во националниот тим не може да дочека за да тренира. За сите нас во репрезентацијата тој останува – симбол“, додава Несторовски.

Прилепчанецот, кој летово дојде од банкротираниот Палермо во Удинезе посочи дека цел сезонава му е да има повторно двоцифрен ефект на голови, па постави цел да даде десет во Серија А.

„Мојата цел останува да дадам најмалку десет гола. Тоа би било сон. Шест сезони имам двоцифрен ефект, трипати во Хрватска (20, 24, 25 гола – н.з), па потоа во Палермо. Сакам да продолжам, сега играм повеќе, се надевам на повеќе голови. Давам сто отсто од себе секој ден за да бидам стартер. Знам дека не е лесно, но таа е целта“, посочува Несторовски.

Извор: Спорт1



Слични Објави