|

ПРЕДВЕСНИЦИ НА РЕВОЛУЦИОНЕРНАТА ОРГАНИЗАЦИЈА ВО ОХРИДСКО од Антон Кецкаров (1865-1945)

“Во текот на февруари и март 1878 г. се забележуваше едно тајно приготвување за пречекот на руските ослободителни војски во Охрид. Во митрополијата старешините, училишните и црковните настојници се собраа и се советуваа за тој пречек. Сите, дури и децата знаеја, дека во Сан Стефано е склучен мир меѓу Русија и Турција. Според оцртаните граници на Сан-Стефанска Бугарија Охрид беше ослободен.

Градот ечеше од песни од предстојното посретнување на руските војски и ослободувањето на Охрид. Песната „1878-ма год. се ослободи од Турција Бугарскиот народ беден“ се пееше во секоја куќа. Се разнесуваа гласини, дека ослободителните војски дошле до Велес, до Прилеп, до Битола, до Ресен! Денес-утре ќе дојдат и во Охрид! Трескавични, тајни подготовки во секоја куќа, без никаква наредба од никого. По интуиција секој знаеше, дека пречекот треба да биде многу поблескав од пречекот на Бугарскиот митрополит Натанаил во 1874 г. Мали деца еден на друг си ја искажвавме наивно нашата радост. Едно момче кажваше: „И вујко ми Иван ќе си дојде со руските војски, тој е со сабја на крстот и се бореше на Шипка.“ Друго кажваше: „Ами и татко ми“, трето – „Ами и стрико ми“; четврто кажва: „Абе и татко ми го чекам, но… мама носи бел тулбен (знак за жалост на главата). И’ кажваа дека тате бил убиен во една страшна битка при Шипка. Јас… јас во тоа не вервам; тате ќе си дојде со руските војски…“ Детето седна на еден голем камен и од радост или од тага бликнаа солзи од неговите очи… И ние започнавме да плачеме!

Не после многу месеци во Охрид започна де се пее песната: „Проклета и триклета да бидеш ти Европо, блуднице вавилонска!“ Берлинскиот договор го определи Охрид и цела Македонија да биде под ропство, под Турција.

До 1885 г., до Србско-бугарската војна охриѓаните беа со полна надеж, дека скоро ќе се спроведе Сан-Стефанска Бугарија, или најмалку Македонија ќе се присоедини со Источна Румелија.

Од 1885 г. до 1893/1894 г., откако се изгуби надежта за Сан-Стефанска Бугарија кај интелигенцијата, во учителството во Охрид, како и во другите градови зрееше една идеја за едно сериозно организирање. Да се простиме со Сан-Стефанска Бугарија, – тоа ни го раскинуваше срцето. До вчера, до 1878 г. од Тулча до Охрид, од Ниш до Цариградските зидини, од Дунав до Белото море и од Црното море до Дрим, Бугарскиот народ, макар под робство, составуваше една единица со свој културен и црковен центар Цариград.“

ИЛУСТРАЦИЈА ИЛИНДЕН, година VIII, книга 1

Слични Објави