|

Предвидените активности во рамки на претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ тема на средбата Османи – Шаленберг

Предвидените активности во рамки на претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ – најголемата светска регионална безбедносна организација, во 2023 година беа тема на средбата во Виена на министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во својство на претседавач на Организацијата со Александар Шаленберг шефот на дипломатијата на земјата-домаќин на ОБСЕ Австрија.

Како што соопшти МНР, министрите разменија мислења за актуелните случувања во регионот на ОБСЕ, како и за улогата на Организацијата во справувањето со последиците предизвикани со агресијата на Руската Федерација врз Украина.

–Војната на агресија против Украина продолжува, а луѓето се првите кои ја почувствуваа мачнината која ја предизвикаа денешните геополитички превирања. Најмногу страдаат оние кои се директно изложени на војна и конфликт. Другите чувствуваат несигурност и неизвесност. Нивниот начин на живеење доведен во прашање; секојдневниот живот е нарушен. Тие треба да се ослободат од стравот од војна, потенцираше Османи на средбата со Шаленберг.

Меѓу главните заклучоци од средбата, како што се посочува, беа обезбедувањето поддршка за функционалноста на институциите на ОБСЕ, кои нудат разновидни механизми во поддршка на обновувањето на мирот и безбедноста, спречувањето на идни конфликти, како и промовирањето на соработката низ регионот на ОБСЕ.

Република Австрија е долгогодишен партнер на Северна Македонија во ОБСЕ и нејзин силен и гласен поддржувач во европските интеграции, стои во соопштението.

Извор: zoom.mk

Слични Објави