Прекрасен пример: 17-годишно момче подари 333 книги на библиотеката во благоевградското село Бараково
Седумнаесетгодишниот Јулијан Димитров подари 333 книги од својата лична колекција на библиотеката при читалиштето „В’зраждане 2001“ во благоевградското село Бараково, јавува БНТ.
Јулијан, кој вели дека читањето е негова секојдневна навика, со години собирал книги добиени како награди на конкурси или како подароци.
„Не поминува ниту еден ден без да прочитам книга. Читањето книги е како зависност. По секоја следна книга доаѓа уште една, па уште една“, вели тој.
Откако книгите што ги собирал станале повеќе од 350, решил најголемиот дел од нив да ги подари на локалната библиотека.
„Почнав да ги собирам на едно место и во еден момент купот стана поголем од мене“, раскажува Јулијан.
Книгите до библиотеката ги пренел со помош на својот татко.
„Ги донесовме со татко ми со рачна количка, во неколку наврати“, додава тој.
Секретарот на читалиштето „В’зраждане 2001“, Светлин Златков, вели дека донацијата е значајна затоа што библиотеката главно располагала со постари изданија.
„Библиотеката имаше претежно стари книги, а сега читателите можат да се израдуваат на нови и посовремени изданија“, рече Златков.
Јулијан признава дека не му било лесно да се раздели со книгите, а за себе задржал само дваесетина.
„Сега ми е драго што некој друг може да ги прочита овие книги. Денес книгите се исклучително скапи. Тие веќе се вистински луксуз“, вели тој.
Меѓу книгите што ги задржал, за него највреден е дневникот на Лили Иванова со нејзин автограм.
По неговиот гест, и други жители на селото изразиле желба да донираат книги.
„Почнаа и други луѓе да сакаат да подаруваат книги“, изјави Златков.
Јулијан најавува дека ќе продолжи да чита и дека и дел од книгите што ќе ги купува во иднина повторно ќе ги донира на локалната библиотека.

