| |

ПРЕМИЕРОТ ЗАЕВ И МИНИСТЕРКАТА ЗА ОДБРАНА ШЕКЕРИНСКА НА ПРИЕМ НА 125 НОВИ ПРОФЕСИОНАЛНИ ВОЈНИЦИ ВО АРМИЈАТА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА: ВО ВАС СЕ ГЛЕДА ИДНИНАТА

На свечена церемонија во Министерството за одбрана, 125 граѓани на Република Македонија денеска беа примени како професионални војници во Армијата на Република Македонија.
На свеченоста, Претседателот на Владата Зоран Заев истакна дека тие се иднината, тие се безбедноста на Република Македонија. Премиерот Заев посочи дека оваа генерација на професионални војници треба да биде особено горда бидејќи е првата генерација војници кои ќе и служат на својата земја како земја-членка на НАТО-Алијансата.

„Да се биде војник во земја-членка на Алијансата значи да се работи во многу подобри услови, по стандардите на сојузниците на НАТО…Вие станувате дел од армија која е пример за регионот, армија која години наназад рамо до рамо со војските на земјите-членки на НАТО учествува во мировните мисии на Алијансата и добива највисоки оценки“, рече премиерот Заев.

Премиерот Заев додаде дека за само една година нашата земја го постигна она што никој не можеше да го предвиди. Пристапот кој обедини силна политичка волја, искрен дијалог и подготвеност за решенија овие денови ќе ни донесе повеќе радосни вести и позитивни одлуки. Истакна дека една од нив е најавената покана за Македонија да биде 30-земја членка на НАТО, следната недела.

„Следува време на промени и интензивен развој. Следуваат реформи во Армијата кои ќе се почувствуваат многу бргу. Вие сте носителите на тие промени, со својот млад дух и со својата професионалност и гордост како војници на Армијата на Република Македонија и на НАТО“ истакна премиерот Заев пред новите војници.

Заменик претседателката на Владата на РМ и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска рече дека токму поканата за членство во НАТО следната недела, ќе значи почеток на една ера на стабилност и безбедност за нашата земја. На ново-примените 125 професионални војници им порача дека ја започнуваат нивната кариера во вистинско, крунско време, време на големи предизвици, модернизација и професионализација на Армијата, време во кое Македонија ќе ја унапредува одбраната и ќе го достигне стандардот на НАТО-Алијансата.

„Во секој од вас 125 војници кој ќе ја носи униформата на Армијата на Република Македонија ја гледам промената која допрва треба да дојде. Вие сте тие кои треба да бидат олицетворение на резултатите и вредностите кон кои се стремиме и за кои работиме. Вашата генерација е посебна – имате привилегија, но и одговорност да бидете прва генерација на војници во Армијата кои речиси целосно ќе ја развиваат својата кариера во рамки на НАТО-сојузот“, рече министерката.

Шекеринска посочи дека граѓаните на Македонија го препознаваат приоднесот на припаднците на Армијата, и затоа Армијата е институција која ужива најголема доверба помеѓу граѓаните. Додаде дека партнерите во светот имаат само зборови на пофалба и највисоки оценки за придонесот на припаднците на АРМ во мировни мисии.

Секој труд треба да биде вреднуван, рече министерката, и посочи дека во оваа година на позитивни промени обезбедено е зголемување на платите за сите припадници на Армијата за 10 проценти, што е само почеток на позитивните промени во Армијата.

Во однос на членството во Алијансата, министерката посочи дека искуствата на соседните земји покажале дека тоа гарантира безбедност како основен предуслов за економски развој, повеќе инвестиции и нови партнерства, укажувајќи на примерот со Бугарија каде странските директни инвестиции од нивото на 7 проценти од бруто-домашниот производ пред влезот во НАТО, се зголемило на околу 20 проценти по зачленувањето во Алијансата.

„Членството во НАТО ќе значи и конечна стабилизација и одржлив мир во регионот, стабилен регионален пазар и проширување на можностите. Во НАТО, Македонија рамо до рамо со светските велесили ќе одлучува за сите важни светски безбедносни и политички прашања“, заклучи министерката.
Новопримените 125 професионални војници во АРМ се дел од планираните 375 нови професионални војници во Армијата оваа година. Дел од оваа генерација на професионални војници се и 15 припаднички на женскиот пол.

Слични Објави