| |

ПРЕМИЕРОТ ЗАЕВ : ИЗЛОЖБАТА ПОСВЕТЕНА НА ГОЛЕМАТА ВОЈНА НЕ ПОТСЕТУВА ДЕКА СЕКОЈ ЧОВЕЧКИ ЖИВОТ Е ВАЖЕН

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев денеска беше покровител на свеченост којашто се одржа во Свечената Сала во Македонската академија на науки и уметностите (МАНУ) по повод стогодишнина од крајот на Првата светска војна со отворање на изложба „Лицата на војната: Македонија и Македонците во Големата војна 1914-1918“ во организација на Државниот архив на Република Македонија.

По тој повод Директорот на Државниот архив на Република Македонија, Кирил Петров додели благодарници на најистакнатите архивски работници. Настанот беше збогатен со неколку културно уметнички точки на ученици од Државниот музичко-балетски училишен центар „Илија Николовски – Луј“.

Пред присутните гости се обратија Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, директорот на Државниот Архив на Република Македонија, Кирил Петров и Јасмина Дамјановска, авторка на изложбата.

Премиерот Заев во своето обраќање истакна:

Во 1918 г. Заврши големата војна која што ја промени историјата, која ја смени картата на Европа и ги допрe сите аспекти на животот на луѓето кои беа зафатени од војната.

Сто години подоцна, ги нема веќе непосредните сведоци на овие настани, но колективното сеќавање на овој светски вооружен судир, во кој Македонија е забележана како фронтовска линија и окупирана територија, сè уште е живо.

Во отсуство на своја држава, Македонците и другите жители на овие простори беа мобилизирани во армиските состави на Србија, Бугарија и Грција и активно учествуваа во Македонскиот (Солунскиот) фронт.

Од есента 1915 до септември 1918 г. на Македонскиот фронт се судираа речиси еден милион војници од десетина различни армии.

Оваа година одбележуваме стогодишнина од крајот на Големата војна, и се сеќаваме на храброста на оние кои се бореа, живееја и умреа, но и на страдањата на сите луѓе кои беа погодени од војната на каков било начин. Сеќавањето за нив е најголемата почит што можеме да им ја оддадеме.

Зошто треба да се сеќаваме? Зошто треба да застанеме и да размислиме за оние настани што се случија толку одамна?

Затоа што војната влијаеше на сечиј живот, пред сè на животот на обичниот човек. Војната ги откорна не само Македонците од нивните домови, туку и илјадниците војници кои војувале во Македонија, а никогаш не се вратиле во своите домови.

Изложбата „Лицата на војната: Македонија и Македонците во Големата војна 1914-1918“ не потсетува дека секој човечки живот е апсолутно важен.

Преку сеќавањето на големата војна ние не оддаваме почит само на македонските војници, без разлика на која страна се бореле. Оддаваме почит и на сите други војници, независно каква униформа носеле.

Нашата политика на сеќавањето е политика на заедничко чествување на сите жртви, затоа што сите жртви еднакво болат. А големата војна која заврши во 1918 година донесе многу жртви и страдања, но и многу научени лекции.

Една од тие лекции е дека не смееме да заборавиме ниту еден дел од нашето минато, колку и да е болно! Не се откажуваме од ниту еден дел од нашата историја, колку и да е трагична. За да не ни се повтори.

Денес, во ова модерно и демократско време, скапоцена и вредна ни е државата за која заеднички се изборивме во Втората светска војна.

Скапоцен ни е и мирот, по кој најмногу копнееле овдешните жители, како што сведочи и д-р Рудолф Арчибалд Рајс, чие срце по негова желба со години почиваше на планинскиот врв Кајмакчалан:

„По бројни и разновидни поделби, страдања и угнетување и дотогаш невидени прогони, Македонците имале единствена желба да им се дозволи да живеат во мир“, пишуваше д-р Рајс.

Токму тоа е и нашата политичка определба. Мирот и помирувањето. Да продолжиме да живееме во мир, со безбедна иднина, како полноправна членка на НАТО, во Европската Унија како политичка заедница која настана како резултат на политичкото помирување по втората Светска Војна, објавија на официалната страница на Владата да Република Македонија.

Слични Објави