ВЛАСТА И ОПОЗИЦИЈАТА СЕ ДОГОВОРИЈА ЗА ДОНЕСУВАЊЕТО НА 40 ЗАКОНИ- МИЦКОСКИ И ЗАЕВ ЌЕ СЕ СРЕТНАТ ВО САБОТА
Владејачкото мнозинство и опозициската ВМРО-ДПМНЕ постигнаа договор да бидат усвоени сите законски предлози од 123. собраниска седница, кои се врзани со примена од 1 јануари, изјави денеска претседателот на Собранието, Талат Џафери, на редовната средба со собраниските известувачи, јавува 360 степени.
Џафери не прецизира како власта и опозицијата се договориле за гласање по овие закони, туку само кусо кажа: „Прашајте ги Мицкоски и Заев“, рече претседателот на парламентот.
Неговата улога, како што вели, била само во тоа што ја продолжил седницата по полноќ до изгласување на првата точка.
На утрешното продолжение на 123. седница треба да бидат донесени околу четириесетина закони врзани со рок, односно со примена од 1 јануари, меѓу кои и од сферата на финансиите, социјалата и здравството. Другите точки од оваа седница на дневен ред ќе бидат разгледувани по Нова година.
В сабота во 17 часот во Владата ќе одржи средба меѓу Заев и Мицкоски, која според владини извори ќе биде за техничката влада.

