ПРЕМИЕРОТ ЗАЕВ ОРГАНИЗИРАШЕ ИФТАРСКА ВЕЧЕРА: ДА ЈА НЕГУВАМЕ НАШАТА ЗАЕДНИЦА. Р. МАКЕДОНИЈА, ЕДНО СЕМЕЈСТВО НА СЛОЖНИ ГРАЃАНИ ОД РАЗЛИЧНИ ВЕРИ

//

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, вчера организираше ифтарска вечера во честа на светиот месец Рамазан, за Претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери и за пратениците, за членови на владата и за советниците на премиерот и неговите надворешни соработници и за градоначалниците, припадниците на исламската вероисповед, како и за поглаварот на Исламската верска заедница Сулејман Реџепи.

Посакувајќи им добродојде на ифтарот, премиерот Заев во својата беседа нагласи дека му е чест да ги пречека своите гости за време на празничните пости, кога семејствата се собираат, пријателите се дружат и се посветуваат на саморефлексија и размислување. Време кога се извршуваат молитвите за меѓусебно почитување, за залагање за правда, за напредок, толеранција и достоинство на сите луѓе.

„Постот е одрекување од земните и сетилните задоволства што го делат многу вери – вклучувајќи ја и мојата христијанска вера. Тоа време кога го јакнеме духот за да се доближиме до Бога и да се сообразиме со него. Овој духовен подвиг не упатува и на фактот дека промените што сакаме да ги направиме – мора да започнат во нашите сопствени срца и во нашите заедници.

На тоа ги учиме децата. За време на овие денови посветени на јакнење на духот, се грижиме за болните и им подаваме рака на сите. Без разлика на нивната верска припадност“, истакна премиерот Заев на ифтарската вечера.

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев уште рече дека подвигот за време на постот и наградата за посветеноста, го помагаат унапредувањето на нашите заеднички желби – да живееме во мир и спокојство и да ги отвориме срцата за радост во семејствата и да шириме добрини меѓу соседите и да ги јакнеме пријателствата.



„Со секој ифтар за време на Рамазанскиот пост да ја охрабруваме и негуваме нашата заедница, Република Македонија. Една држава, едно семејство на различни вери, кои меѓу себе живеат сложно и ја продолжуваат традицијата што како аманет ни ја оставија нашите татковци“, рече во завршницата на беседата за време на ифтарската вечера, што премиерот Заев ја приреди за Претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери и за пратениците, за членови на владата и за советниците на премиерот и неговите надворешни соработници, и за градоначалниците, припадниците на исламската вероисповед, како и за поглаварот на Исламската верска заедница Сулејман Реџепи.



Претходна статија

ГРАДЕЖНИ АКТИВНОСТИ ЗА АСФАЛТИРАЊЕ НА ДВА КРАКА ОД „СТАМЕН МАНОВ“

Следна статија

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ЕВРОПСКАТА ШАХОВСКА УНИЈА НА ПРИЕМ ВО АМС

Најново од Вести