МЕШОВИТАТА МАКЕДОНСКО-БУГАРСКА КОМИСИЈА ЗА ИСТОРИЈА УТРЕ И ЗАДУТРЕ ЌЕ СЕ СОСТАНЕ ВО СОФИЈА

Подобрување на учебниците по историја за шесто одделение според бугарскиот образовен систем и седмо одделение според македонскиот образовен систем, коишто ги опфаќаат средновековниот период од историјата и евентуално заедничко чествување на Гоце Делчев се двете теми за кои ќе расправаат членовите на Заедничката комисијата меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија, на седмиот состанок, кој ќе се одржи утре и задутре во Софија.

Средбата е продолжение на претходната, која се одржа во Скопје и е четврта за оваа година, а до крајот на годината се предвидени уште две средби.

Досега, комисијата препорача на владите на двете држави заеднички чествувања на Св. Кирил и Методиј, Св. Климент, Св. Наум и Цар Самоил, како и препораки за подобрување на учебниците по историја за шесто одделение во Република Македонија и петти клас во Република Бугарија кои се однесуваат на античкиот период од минатото.