Претседателката на бугарското Народно собрание Доцова: Бугарија ќе го продлабочува партнерството со Кипар
Претседателката на Народното собрание на Бугарија, Михаела Доцова, се сретна со претседателката на Претставничкиот дом на Република Кипар, Анита Димитриу, во рамките на Европската конференција на претседателите на парламентите на државите членки на Советот на Европа во Рим. Доцова на Фејсбук соопшти дека Бугарија ќе работи на продлабочување на партнерството со Кипар и на поактивен политички дијалог за европските прашања.
„Бугарија го смета Кипар за свој близок партнер и сојузник во рамките на ЕУ, но и на регионално ниво“, наведе Доцова.
Таа оцени дека постигнатото ниво на доверба, интензивниот политички дијалог и активната соработка претставуваат стабилна основа за натамошно унапредување на односите меѓу двете земји.
„Бугарија доследно ќе работи на продлабочување на нашето партнерство, вклучително и преку групите за пријателство, и ќе бара можности за поактивен политички дијалог за европските прашања“, истакна Доцова.
