Претседателот на Чешка Петар Павел предупреди, дека Русија се готви за војна, а не за мир
Русија во изминатата година инвестирала огромни средства во вооружување, што јасно покажува дека не се подготвува за мирна иднина, туку за спротивното. Ова го изјави чешкиот претседател Петар Павел во своето обраќање по повод 107-годишнината од основањето на Чехословачка, јавува БГНЕС.
„Затоа, заедно со нашите сојузници, мора да бидеме толку силни што ќе можеме да ја одвратиме Русија или кој било друг потенцијален агресор од нивните намери,“ рече Павел.
Тој предупреди дека доколку Чешка ја потцени својата одбрана, може лесно да го изгуби сето она што го вложува во образованието, здравството, домувањето и енергетиката. „Доволно е секојдневно да ги следиме вестите од Украина за да разбереме што значи неподготвеност,“ додаде тој.
Според него, оние што тврдат дека ништо не ја загрозува Чешка и дека нема потреба од јакнење на безбедноста и одбраната, „намерно лажат“. „Ако сега си лажеме самите себе, ќе платиме висока цена во иднина,“ изјави Павел.
Во говорот, претседателот потсети дека Чехословачка е создадена пред 107 години, во време на големи политички и општествени промени, и дека уште од своето основање била цврсто вкоренета во западните демократии.
Павел оцени дека оваа година е пресвртна точка за светот, и тоа во негативна смисла, поради менувањето на улогата на САД и исчезнувањето на чувството на сигурност што постоело со децении.
Тој се осврна и на неодамнешните парламентарни избори, одржани на 3 и 4 октомври, нагласувајќи дека високата излезност покажала желба на чешките граѓани самостојно да одлучуваат за иднината на својата земја, како и јасно отфрлање на екстремните политички предлози што нудат „нереални, неизводливи и опасни решенија“.
„Клучниот принцип за слободно општество и за функционална правна држава е независноста на институциите. Тие мора да му служат на народот, а не да ги штитат политичарите и нивната самоволност. Ова особено важи за јавните медиуми, судството, безбедносните служби и универзитетите,“ заклучи претседателот Петар Павел.
