Со гала концерт во „Карнеги хол“ започнува новата сезона на „Бугарски концертни вечери во Њујорк“
Со гала концерт со почеток од 19:30 часот по локално време во салата Weill Recital Hall на прочуениот „Карнеги хол“ во Њујорк, ќе биде отворена новата сезона 2025–2026 на иницијативата „Бугарски концертни вечери во Њујорк“ (Bulgarian Concert Evenings in New York – BCENY), јавува БТА. Настанот е најавен од организаторите на официјалните страници на иницијативата, како и од Генералното конзулство на Република Бугарија во Њујорк.
Вечерта на отворањето ќе биде посветена на Лиан МакАлистeр (Liane McAllister) и ќе ги обедини некои од најистакнатите бугарски и меѓународни музичари, меѓу кои Лора Чекоратова, Георги В’лчев, Александрина Боjaнова, Анна Стојчева, Мариана Карпатова, Благомира Липари, Станичка Димитрова, Ари Еван и флејтистката Карол Винсенс.
Програмата на концертот вклучува дела од Волфганг Амадеус Моцарт, Клод Дебиси, Јоханес Брамс, Роберт Шуман, Шарл Валентен Алкан и Филип Гобер, како и современи композиции на Пламена Кунева и Десислава Табакова. Меѓу главните моменти на вечерта ќе биде премиерното изведување на делото „Simple Prayer for Complex Times“ од Табакова, посветено на сеќавањето на Тед Попов.
Публиката ќе има можност да ужива и во избрани бугарски песни од Добри Христов, Димитар Петков, Георги Златев-Черкин и Парашкев Хаџиев, кои ќе ги изведат Мариана Карпатова и Лора Чекоратова.
Иницијативата „Бугарски концертни вечери во Њујорк“ е создадена во есента 2005 година со цел да ја промовира бугарската класична и современа камерна музика пред меѓународната публика. Концертите се реализираат со поддршка на волонтери-музичари од Бугарија, а најголемиот дел од нив се бесплатни и отворени за јавноста.
Настанот во „Карнеги хол“ ќе го означи почетокот на уште една сезона исполнета со богата музичка програма и со почит кон бугарската музичка традиција на светска сцена.

