Претставници на САД, ЕУ и Украјна ќе разговараат во Велика Британија пред средбата Трамп – Путин
Британскиот министер за надворешни работи Дејвид Лами и потпретседателот на САД Џеј Ди Ванс во сабота ќе се сретнат со украинските и европските сојузници во Велика Британија, за да ги разгледаат напорите на американскиот претседател Доналд Трамп за постигнување мир во Украина, јавуваат „Ројтерс“ и „Би-Би-Си“.
Според извори на „Аксиос“, деталите за средбата и целосната листа на учесници сè уште се усогласуваат. Киев и повеќе членки на НАТО изразиле загриженост дека Трамп би можел да постигне договор со рускиот претседател Владимир Путин за прекин на војната без консултација со нив, при што би се договориле услови кои за Украина би биле неприфатливи.
Британскиот премиер Киер Стармер претходно денес разговарал со украинскиот претседател Володимир Зеленски во пресрет на безбедносниот состанок. Двајцата разговарале за предлозите на Трамп за завршување на војната, пред најавената средба на 15 август меѓу Трамп и Путин во Аљаска.
„Премиерот утрово разговараше со претседателот Зеленски. Тие со нетрпение ја очекуваат денешната средба на советниците за национална безбедност од Европа, Украина и САД, домаќини на која ќе бидат британскиот министер за надворешни работи и американскиот потпретседател. Се согласија дека ова ќе биде клучен форум за напредок кон праведен и траен мир“, соопшти портпаролот на Даунинг стрит.
Зеленски ја нагласил опасноста од „руските планови сè да се сведе на дискусија за невозможното“ и побарал јасни чекори во максимална координација со украинските партнери.
Денеска Зеленски порача дека „украинците нема да ја предадат својата земја на окупаторите“, реагирајќи на изјавата на Трамп во која тој алудираше на можни територијални отстапки како услов за прекин на војната со Русија.
