Претставувањето на Бугарија како маргинална држава, само го покажува неразбирањето на европската солидарност и дипломатија
Facebook статус на Љупчо Ѓорѓиевски
Каква генијална политичка анализа од вицепремиерот Николоски! Очигледно, во ерата на напредната дипломатија, сè што е потребно за да се реши комплициран меѓудржавен спор е „тежок западен дипломат“ кој, со магично стапче, ќе дојде во Софија и за една утринска сесија ќе ги реши сите проблеми. Овој поедноставен пристап изгледа совршено за луѓе кои не сакаат да се занимаваат со реални предизвици и одговорности.
Интересно е како Северна Македонија, во обидот да ја минимизира улогата на Бугарија, го нагласува „квалитетот“ на државите кои ја поддржуваат, додека паралелно ги потценува своите најблиски соседи. Фактот дека Бугарија е рамноправна членка на ЕУ, со еднаков глас како Франција или Германија, се игнорира. Наместо тоа, Бугарија се претставува како неважен „маргиналец“, со што Северна Македонија само покажува колку не разбира што значи европска солидарност и дипломатија.
Дополнително, инсистирањето дека Северна Македонија е „жртва“ на бугарските политички околности е погодна стратегија за избегнување на одговорност. На пример, зошто е толку тешко да се прифати дека бугарскиот народ треба да биде вклучен во Уставот како основно човеково право на домородните бугари во Македонија? Очигледно, тоа е „неприфатливо“ затоа што не се вклопува во „западната агенда“ која Николоски и неговите соработници сакаат да ја промовираат.
Но, тука е иронијата. Бугарија, и покрај своите внатрешни проблеми, останува принципиелна во своите ставови за историјата, човековите права и европските вредности. Сепак, најлесно е да се обвини „најслабата членка“ за неспособноста на Северна Македонија да ги исполни своите обврски и да спроведе суштински реформи.
Николоски, исто така, со голема надеж ја истакнува Франција како клучен сојузник. Но, тука е заборавен еден клучен факт: токму францускиот претседател Емануел Макрон беше еден од главните архитектите на Францускиот договор. Договорот, кој Северна Македонија го потпиша и имплементираше, беше одобрен од сите земји членки на ЕУ. Владата на ВМРО-ДПМНЕ, предводена од Мицкоски и Николоски, го оспоруваше од самиот почеток.
Дали навистина веруваат дека претседателот Макрон би поддржал какви било предлози што го саботираат тој договор? Францускиот договор не е само билатерален договор, туку и европски предлог, ратификуван од сите земји членки. Неговата успешна реализација беше клучна за Северна Македонија на патот кон ЕУ. Ако тој договор беше „квалитетен“ за европските лидери, како сега тие би прифатиле измени што би го разнебитиле?
Дополнително, сугестијата дека францускиот претседател ќе ја игнорира својата улога како двигател на европското единство и стабилност е не само наивна, туку и нереална. Стратегијата на Николоски и Мицкоски да се претстават како блиски со „квалитетните“ лидери на Западна Европа е популизам од највисок ранг.
Она што е вистински важно, а Николоски го избегнува, е дека токму тие „квалитетни“ лидери на Европа стојат зад условите што Северна Македонија треба да ги исполни. Вклучително и правата на Бугарите во Северна Македонија и нивното вклучување во Уставот.
Ако „дијалогот“ со Бугарија е толку тежок, тогаш треба да се запрашаат: колку потежок ќе биде дијалогот со европските лидери кога Северна Македонија се обидува да ги изманипулира фактите и принципите што тие самите ги поставиле?
На крајот, ние, Бугарите во Македонија, гледаме уште една пропуштена можност за искрен дијалог. Наместо празни фрази и потценувачки коментари, можеби е време за малку саморефлексија. А дотогаш, продолжете да барате „тежок западен дипломат“ – можеби ќе најдете некој што ќе ви објасни што значи зборот дијалог.“