ПРИСТИГНА ПОМОШТА ОД ЕУ, АМА НАМЕСТО ЌЕБИЊА ОД БРИСЕЛ ИСПРАТИЈА РЕСПИРАТОРИ И ЗАШТИТНИ МАСКИ
Во Скопје денеска пристигнаа 12 машини за асистирано дишење – респиратори, како и пет илјади заштитни маски „N95“, како дел од проектираната помош на Европската Унија од четири милиони евра за итни медицински потреби, соопшти Секретаријатот за европки прашања.
Набавката е реализирана во соработка со Агенцијата на Обединетите нации УНОПС.
„Овие 12 машини ќе го зајакнат капацитетот на здравствениот систем за справување со епидемијата и соодветно третирање на пациентите, што е еден од главните предизвици во справувањето со епидемијата. Во овие сложени околности и отежнати услови за набавка на овие респираторни машини, набавката и доставата на овие машини претставува огромен успех, порача Бујар Османи.
Осмени се заблагодари на претставниците на ЕУ во земјата, а исто така и на администрацијата задолжена за реализација на донацијата.
„Особено сум горд на вработените во Секретаријатот за европски прашања, кои во соработка со агенцијата на ОН успеаја да ги надминат сите технички, процедурални и транспортни предизвици за да ја обезбедат оваа сложена набавка“, порача Османи.
Респираторите се произведени во Јужна Кореја, а според договорот потпишан на 3 април, преку УНОПС треба да се испорачаат уште осум респираторни машини или вкупно 20.

