ПРОЧИТАЈТЕ ГО ЦЕЛОТО ИНТЕРВЈУ НА ЕПИСКОП ПАРТЕНИЈ ЗА УКРАИНСКИОТ МЕДИУМ РЕЛІГІЙНА ПРАВДА

РЕЛІГІЙНА ПРАВДА: Владико, световната и црковната власт на Северна Македонија се обратиле до Вселенскиот престол со молба за добивање автокефалност. Во исто време ви завидувам и сочувствувам. Завидувам затоа што е голема среќа да се помине лично низ процесот на признавање на Црквата и сочувствувам затоа што тоа е голем стрес. Искрено ви посакуваме сила и среќа. Украинците беа неверојатно обединети и едногласни во својата желба за добивање Томос. Последното писмо до Фанар во 2018 година за поддршка на автокефалноста го потпишаа сите религиозни научници, сите аналитичари и морални авторитети на Украина. Како се расположени жителите на Македонија?

loading...

Епископ Партениј: Најнапред, Ви благодарам за честа со којашто ме удостоивте, барајќи од мене, најмалиот епископ на Црквата Христова, интервју за Вашата ценета новинска агенција. Искрено Ви благодарам и за Вашите добри желби и сочувство во однос на процесот за признавање на нашата помесна православна Црква. Во врска со Вашето прашање, би можел со голема радост и широко срце да констатирам дека македонското општество е обединето околу прашањето за признавање на нашата автокефалија. Православниот народ во Македонија веќе многу децении чека и се бори за прифаќање од своите православни браќа, ширум светот, во семејството на помесните православни Цркви. Мислам дека досега во историјата ниедна друга помесна православна црква не се наоѓала во толку сурова и долготрајна изолација како што е тоа случај со нашата. Затоа, најголемиот дел од православното население кај нас со силна желба и нетрпение го очекува Томосот за автокефалност на својата матична Црква, МПЦ-Охридска Архиепископија. Тоа беше причината и нашиот државен врв да упати молби, сосема исправно, до Вселенската Патријаршија, којашто е врховната инстанца во православниот свет и единствена го има правото на апелација во случај на некаков спор, како и правото за доделување на автокефалност. Впрочем, Вселенската Патријаршија ги доделила томосите за автокефалност на сите нови Цркви, почнувајќи од Руската, па сѐ до Полската, односно во најновиот случај – Украинската.

РЕЛІГІЙНА ПРАВДА: Кога станува збор за автокефалноста на другите земји, ние секогаш ја споредуваме ситуацијата со нашата сопствена држава. Споредувајќи ја ситуацијата во нашата земја и вашата, гледам неверојатна предвидливост на вашето световно раководство. Едно време, тие не го охрабруваа развојот на Српската црква на територијата на Македонија и го ослободија сопствениот народ од искушението на религиозната поделба, а неговиот духовен развој од манипулативните митови и пропаганда. Во нашата земја, Москва, судирајќи го едниот украински народ во различни јурисдикции, ги спротивставуваше „расколниците и канониците“. Правилно ли разбирам дека во Македонија го нема таквото спротивставување на „канонското“ и „неканонското“ и дека има превладувачко разбирање дека постои една црква што сè уште не е призната? Кој ги поседува главните светилишта, манастири, цркви во Македонија?

Епископ Партениј: Имате сосема правилно разбирање за црковната ситуација кај нас. Точно е тоа дека во Македонија огромното мнозинство православно население, без разлика на неговата етничка припадност, за своја единствена и канонска Црква ја прифаќа МПЦ – Охридска Архиепископија, којашто практично ги поседува сите светилишта, храмови и манастири, додека клирот на неуспешниот проект „Српска црква“ во Македонија, кој има многу мал број приврзаници, не повеќе од педесетина, служи во некои приватни имоти и финансиски се издржува со помош на Министерството за вера на Република Србија. Згора на тоа, свештената јерархија на МПЦ-ОА ја има поддршката од сите општествени, политички, културни и научни субјекти во нашата земја. Тука би нагласил дека кога беше обидот за создавање на паралелна црковна јерархија под српска јурисдикција, т.е. кога поранешниот Повардарски митрополит г. Јован Вранишковски се одѕва на повикот на Српската Црква и го прифати нацрт-договорот од Ниш – којшто, патем, беше само предлог за договор кој никогаш не беше изгласан од нашиот Синод – македонските власти, како правна држава, му пружија заштита на одметнатиот митрополит Јован од разгневениот народ, кој во никој случај не прифаќаше создавање на српски црковен егзархат, и на тој начин не дозволија ситуацијата да ескалира во нешто пострашно. Така, уште од самиот почеток се виде дека овој политички проект на Српската црква нема да успее.

РЕЛІГІЙНА ПРАВДА: Украинската автокефалност се појави како желба да се оддалечи од влијанието на империјата, од политизацијата на црквата. Москва се однесуваше неверојатно грубо и безобразно во својата желба да доминира, вклучително и духовно. Веќе подолго време на Балканот нема империја. Зошто Македонците имаат толку силна желба да ја имаат својата автокефалност? Ова прашање им го поставив на Црногорците и сакам да го поставам и на Вас. Што не е во ред со Српската црква поради што посакавте да ја напуштите? Во вашата историја во 2004 година имаше ситуација кога повеќе од стотина монаси од Македонската црква заминале во нерегистрираната, но де факто постоечката Српска црква на Македонија. Зошто го сториле тоа?

Епископ Партениј: Точно, на Балканот повеќе нема империи, но, за жал, тоа не е случај и со мегаломанските националистички идеи, коишто и тоа како се присутни во некои глави, и меѓу политичарите и среде црковниот клир. Па така, кралството Југославија, чијашто главна политичка сила била хегемонијата на српските властелини, веќе одамна не постои, меѓутоа, идејата за истата империјалистичка превласт не престанала. А она кое најмногу повредува и нанесува најголема штета е тоа што очигледно некои глави од СПЦ сè уште живеат во некаква идеја за голема Српска црква од времето на Југославија, но и за некаква големосрпска држава. Показателство за тоа е и фактот што неодамна српскиот патријарх во својата титула ги додаде и земјите на некогашна Југославија.

Македонците и малцинствата со православна вероисповед во нашата држава ја посакуваат својата автокефалност, затоа што во колективната меморија на православниот род на овие простори е длабоко врежан споменот за древната автокефална Охридска Архиепископија, којашто била тесно поврзана со Вселенската Патријаршија и којашто речиси осум века го водела народот во спасителното слово Господово. Додека, пак, Српската црква, од историски аспект, најкратко време раководела со македонските епархии, а тоа се случило со српската окупација на вардарскиот дел од Македонија во 1918 година, кога домородниот висок клир бил со сила протеран, а голем дел од македонското свештенство било подложено на страшни прогони, измачувања и убиства, спроведувани од војската и жандармеријата на Кралството, со благослов на раководството на Српската црква, за што постојат бројни историски документи и сведоштва.

По крајот на Втората светска војна и формирањето на македонската држава, српскиот клир, кој избегал на почетокот од војната, иако посакувал, не се осмелил повеќе да се врати во новоформираната македонска држава, исплашен од гневот на домородното население коешто не ги чувствувало како свои духовни водачи и пастири, туку како наемници. Едноставно, тогашното македонско духовенство и паства жолчно се бореле и не дозволувале враќање на српската црковна јерархија во македонските епархии, дотолку повеќе што таа никогаш не им излегувала во пресрет за задоволување на нивните духовни потреби, како што ѝ доликува на една Црква-Мајка, ами само служела како инструмент за србизација.


loading...

Таквата ситуација довела до иницијатива за возобнова на Охридската Архиепископија – нешто што се случило во 1958 година. На почетокот Српската црква, поради желбата на православното население, морала да даде автономија што требало да гравитира кон автокефалија, секако, преку заедничка молба на српските и македонските владици до Вселенската Патријаршија, којашто, рековме, единствена го има историското и канонско право да доделува томос за автокефалија. Но, за жал, Српската црква продолжила да ретерира и да не ја почитува автономијата на Македонската, туку да ја злоупотребува за понатамошно србизирање и негирање, како и за узурпирање на црковната територија. Затоа, во 1967 година, во Охрид била прогласена автокефалноста на Охридската Архиепископија, возобновена во лицето на МПЦ. По тој чекор, од страна на Српската црква било прекинато сослужението, а било побарано тоа да го направат и останатите православни Цркви, со едно циркуларно писмо од тогашниот Српски патријарх Герман, така што православниот народ во Македонија, не по своја волја, се нашол во раскол. Во последниве педесетина години, нашата егзистенцијална борба за признание на автокефалноста беше потполно игнорирана – просто, како да немаме право да постоиме.

За жал, наместо решение, состојбата дополнително се влоши со создавањето на паралелна црковна јерархија, српската експозитура на чело со поранешниот митрополит Повардарски г. Јован Вранишковски. Може со тага во срцето да констатираме дека тие станаа жртва на погрешната српска црковно-национална политика, затоа што во Македонија тие се една фиктивна Црква, неподдржана од народот. Досега овој чин, којшто претставува невиден преседан, на создавање на паралелна јерархија на Српската црква послужи само за голема штета на православната Црква во Македонија, бидејќи со ваквиот потег, многу луѓе изгубија доверба во Православието воопшто. Тука морам да посочам дека информацијата за наводно пребегнување на повеќе од стотина монаси од нашата во српската Црква е сосема погрешна и претпоставувам е плод на нечија пропаганда. Во реалноста станува збор за неколкумина монаси, од кои некои поради славољубие станаа владици од страната на Вранишковски, а повеќето, за жал, се размонашија.

Би нагласил дека ние немаме никаков проблем нити непријателство кон братскиот православен српски народ и кон неговата Црква во Република Србија. Напротив, нашата љубов кон нив е подеднаква како и кон секој човек, а особено како кон Христијани, и МПЦ-ОА повеќе пати побарала преговори со СПЦ за конечно решение на нашето прашање преку Цариград, но од нивна страна имало молк. Сега, искрено се надеваме дека новиот српски Патријарх ќе постапи во духот на евангелската љубов и ќе го поздрави расположението на Вселенската Патријаршија за доделување на автокефален Томос на нашата Црква. Впрочем, Цариград беше адресата каде што СПЦ и нè упатуваше во минатото кога имаше преговори. Со тоа новиот Патријарх ќе отвори нова страница на братски односи на нашите сестрински цркви и ќе се нарече миротворец, упатувајќи ја т.н. ПОА да се помири со официјалната матична помесна православна Црква, МПЦ -Охридската Архиепископија. Крајно време е да се престане со уцени, интриги и притисоци и да се започне веќе еднаш со Христовото: „да се љубите еден со друг; како Јас што ве возљубив, така и вие да се љубите еден со друг. По тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици, ако имате љубов меѓу себе“ (Јован 13,34-35).

(Целото интервју на епископ Партениј прочитајте го овде)