Проф. Ангел Димитров: И по 36-та средба нема никаков напредок во историската комисија помеѓу Бугарија и РСМ
Во просториите на Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија денес се одржа 36. средба на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија, јавува БГНЕС.
Според изјавата на бугарскиот копретседавач, проф. Ангел Димитров, средбата не донела напредок во однос на клучните теми. „Денешната средба не се разликуваше од претходните. Атмосферата беше најдобра за време на ручекот. Но за суштинските прашања – немаме разбирање. Не можам да кажам дека постигнавме нешто корисно“, изјави Димитров.
Проф. Димитров откри дека за време на дискусиите се отворила и темата за културниот деец Марко Цепенков, по иницијатива на македонската страна, што го изненадило. И покрај заемното признание за значењето на Цепенков, заеднички став не бил постигнат.
Најавено е дека во септември ќе се одржат две нови средби – една од нив онлајн, во потесен состав, со цел конечно усогласување на заостанатите записници од претходните состаноци. „Вака функционираме веќе подолго време, иако тоа е спротивно на суштината на работата на Комисијата“, додаде Димитров.
Претставниците на македонската страна одбија да даваат изјави, со образложение дека официјално соопштение ќе биде објавено утре.
Комисијата е формирана како дел од Договорот за добрососедство, пријателство и соработка потпишан на 1 август 2017 година и претставува еден од клучните механизми за унапредување на билатералните односи меѓу двете земји.

