| |

Реакции по пресудата на Битолскиот суд против Љупчо Ѓоргиевски

Бугарија внимателно го следи случајот со Љупчо Ѓоргиевски, претседател на бугарскиот културен клуб „Иван Михајлов“ од Битола, кој денеска осуден во Република Северна Македонија поради тоа што, според обвинението, цитирал текст од историската фигура Иван Михајлов.

Заменик-министерката за надворешни работи на Бугарија, Елена Шекерлетова, изјави дека од самиот почеток со голема прецизност се следело судењето и оти изречената пресуда ги потврдува сомнежите во владеењето на правото и фер судството во Северна Македонија – особено кога станува збор за луѓе кои се чувствуваат и изразуваат како Бугари.

„Ова не е само процес против Љупчо Ѓоргиевски. Ова е судски процес против сите кои како него се чувствуваат и се изјаснуваат како Бугари и бараат нивните човекови и граѓански права да бидат почитувани“, изјави Шекерлетова, додавајќи дека бугарските институции ќе го охрабрат Ѓоргиевски да ја обжали пресудата и, доколку е потребно, да се обрати до Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

Шекерлетова најави и дека Европската Унија ќе биде известена за, како што рече, „оваа нова судска пресметка со припадниците на бугарската заедница“, квалификувајќи ја пресудата како „казнена акција“.

Реакција имаше и од бугарскиот европратеник Андреј Ковачев, кој преку споделување на профилот на министерот Георг Георгиев напиша: „Одвратно, скандалозно и неприфатливо! Сите со Љупчо Ѓоргиевски!“

Поддршка за Ѓоргиевски даде и Христијан Пендиков, секретар на сега веќе затворениот бугарски клуб „Цар Борис III“ во Охрид.

„Тој е осуден само затоа што цитирал текст од Иван Михајлов. Борбата за правата на Бугарите во РСМ останува наш приоритет“, напиша Пендиков на Фејсбук. Кон реакциjaта на Пендиков се приклучи и познатата бугарска новинарка Милена Милотинова, која во коментар под објавата на младиот македонски Бугарин напиша: „Се приклучувам кон вас. Не може во 21 век да постојат вакви правни апсурди“.



Слични Објави