ПРОМОВИРАНА ПРОГРАМАТА ЗА ОДБЕЛЕЖУВАЊЕ ,,1000 ГОДИНИ ОХРИДСКА АРХИЕПИСКОПИЈА‘‘
Со Свечена академија која ќе се одржи на 27 мај,во катедралната црква „Света Софија“ во Охрид започнуваат активностите за одбележување на големиот јубилеј – илјада години од основањето на Охридската архиепископија …
Директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи Даријан Сотировски на прес-конференција истакна дека станува збор за особено значаен настан – одбележување еден милениум од постоењето на една важна црковна и духовна организација, која го обединувала народот и му помогнала да премости многу тешкотии од најразлични временски епохи.
– Централната свеченост ќе биде на 27 мај во катедралната црква Света Софија, со Свечена академија под покровителство на претседателот на Република Македонија со пригодни обраќања на црковниот и државниот врв. Следниот ден ќе се одржи Соборно литургиско чествување со кои ќе чиноначалствува поглаварот на МПЦ во сослужение на членовите на Светиот синод, рече Сотировски.
Градоначалникот на Охрид Јован Стојаноски истакна дека за организацијата на централната свечаност е задолжена МПЦ, додека локалната самоуправа ќе биде помагател во организациските активности предвидени со програмата за одбележување на јубилејот.
– Општина Охрид активно ќе се вклучи во сите манифестации за одбележување на јубилејот. Активностите ќе почнат на 24 мај на Денот на сесловенските просветители Кирил и Методиј, со голем концерт на Горан Трајковски и „Мизар“, рече Стојаноски.
Горан Муратовски, шеф на оркестарот на Македонската филхармонија истакна дека Централната свеченост ќе биде збогатена со пригоден концерт на Камерниот оркестар на Филхармонијата во чии рамки ќе настапат и хоровите од братствата на манастирите „Рајчица“ и „Свети Јован Бигорски“, под дирегентска управа на маестро Борјан Цанев. На програмата се преработки и аранжмани на композиции со тематика од македонските тропари.
Претседателот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи појасни дека програмата е изготвена во соработка со претседателот на РМ, Министерството за култура, други државни институции, општина Охрид и Македонската филхармонија. Во рамки на активностите кои ќе се реализираат од 27 мај па се до крајот на годината, предвидени се научни академски собири, промоција на заначајни публикации, бројни културни, образовни, уметнички и спортски активности осмислени се со цел да го привлечат вниманието на пошироката јавност