Промовирање на безбедноста преку одржлив развој и економски раст во фокусот на конференцијата на ОБСЕ
Промовирање на безбедноста и стабилноста во областа на ОБСЕ преку одржлив развој и отпорен и инклузивен економски раст беше фокусот на струшката конференција за економска и еколошка димензија на ОБСЕ во 2023 година.
Настанот обезбеди платформа за претставниците од 57-те земји учеснички на ОБСЕ, приватниот сектор, академската заедница, граѓанското општество и меѓународните организации да се вклучат во дискусии за економската и еколошката безбедност во регионот на ОБСЕ и во контекст на воената агресија на Русија против Украина.
Претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи, Бујар Османи, на отворањето истакна дека последиците од климатските промени стануваат повеќе видливи и драматични насекаде во светот и дека ние мора да обезбедиме отпорност на енергетската инфраструктура и одржлива и сигурна енергетска транзиција, а со борбата против корупцијата и доброто владеење да обезбедиме предуслови за стабилен економско-социјален развој.
„Северна Македонија постојано и преку оваа конференција дава дополнителен поттик за економското заздравување и надминување на економските и еколошките предизвици во регионот на ОБСЕ. Борбата против корупцијата како дел од проблематиката во втората димензија останува врвен приоритет на нашето претседавање“, истакна Османи.
Со цел зајакнување на дијалогот и размена на најдобри практики, учесниците разговараа за теми, како: зајакнување на доброто владеење преку транспарентност и антикорупциски мерки, справување со предизвиците од климатските промени, промовирање на енергетската безбедност и поттикнување отпорност преку поврзување, трговија и олеснување на транспортот.
Покривајќи широк спектар на теми од еколошките и економските прашања, кои ја сочинуваат втората димензија на безбедноста на ОБСЕ, учесниците и говорниците ја истакнаа итноста од развивање алатки за зајакнување на безбедноста, отпорноста и просперитетот на полето на климата, животната средина, технологијата и трговијата.
„Нашите економии штотуку почнаа да закрепнуваат. Мораме да работиме заедно преку споделување информации и поттикнување на регионалната и меѓурегионалната соработка со цел вистински да влијаеме на теренот. За сите земји учеснички императив е да се справат со далекосежните последици од сегашната ситуација преку воспоставување мерки и економски планови, кои промовираат одржлив развој. Мораме да застанеме заедно во овозможувањето одржлив и инклузивен економски раст“, рече Османи.
Речиси 150 учесници ја искористија можноста на конференцијата да го продолжат долгогодишниот дијалог за економски и еколошки прашања поврзани со безбедноста, кој традиционално се одвива во рамките на Економскиот и еколошки форум. Руската Федерација се спротивстави оваа конференција да се организира со консензусна одлука на 57 земји, па затоа Северна Македонија беше принудена да ја организира како настан на претседавачот.