Пронајдено е телото на исчезнатиот багерист на Елените, жртвите од поплавата веќе се две
Рано утрово беше наложена евакуација на речиси 30 лица во Царево, Република Бугарија, кои беа сместени во локалната противпожарна станица. Опасноста е надмината и луѓето веќе се во своите домови.
Пронајдено е телото на втора жртва по поплавата во к. к. Елените, Република Бугарија. Ова го потврдија властите.
Рано утрово беше потврдено дека друг маж, кој се наоѓал на своето работно место во подрумот на хотел, починал како последица на приливен бран што го поплавил хотелот.
Во моментов во три области – Бургас, Монтана и Перник – на територијата на Република Бугарија – има воведени во различни општини вонредни состојби, изјави пред новинарите заменик-министерот за внатрешни работи Тони Тодоров, пренесува БГНЕС.
„Од утрово уште министерот за внатрешни работи г. Даниел Митов свика Оперативен штаб на Министерството за внатрешни работи (МВР) при елементарни непогоди и беше ставен во сила планот за делување при непогоди по точката ‘Поплави’“, рече заменик-министерот.
На прашањето дали има други луѓе во опасност во тој регион, заменик-министерот изјави дека сите биле евакуирани навреме. „Каде што беше подадена информација преку BG-Alert, системот беше активиран и даде свое информативно влијание врз сите граѓани. Но, за жал, ќе повторам, овој човек се наоѓал во такво место и просторија, каде што не стигнала информацијата и работите се случиле многу брзо“, додаде Тодоров.
На прашањето колку лица се евакуирани, тој одговори дека конкретно на Елените – таму ситуацијата е најкомплицирана – во четирите згради на комплексот, кој е најпогоден, околу 50 лица веднаш се искачиле на повисоките катови и за нив нема опасност.
„Вчера, по средбата што ја свика министерот за внатрешни работи, веднаш беше наредено на сите областни дирекции на МВР во Република Бугарија да обрнат внимание на плановите за непогоди и несреќи, особено во точката ‘Поплави’, навремено да се создадат екипи што ќе вршат деноноќни набљудувања на критични места и строго да се почитува субординацијата со другите структури кои се ангажирани во таа дејност“, рече директорот на Главната дирекција „Национална полиција“ (ГДНП) Захари Васков и додаде дека насекаде во земјата е создадена таква организација и има полициски екипи подготвени по потреба да вршат евакуација.
Рано утрово беше наложена евакуација на речиси 30 лица во Царево, Република Бугарија, кои беа сместени во локалната противпожарна станица. Опасноста е надмината и луѓето веќе се во своите домови.
На Елените ситуацијата и во моментов е многу комплицирана, соопшти Васков. „Продолжува да врне многу силно таму. Од засегнатите хотели, во кои се наоѓаат вкупно околу 50 луѓе – гости и персонал – тие треба да бидат евакуирани. Дел од гостите се качија на според нив безбедни места на горните катови и одбиваат евакуација. Во моментов колегите на лице место водат преговори со нив, за сепак да бидат евакуирани“, рече тој и апелираше граѓаните да ги почитуваат упатствата на полицијата и органите на МВР.
Директорот на ГДНП потенцираше дека освен случајот со работникот – багерист, нема податоци за други исчезнати лица, но тоа не значи дека не продолжуваат теренските потраги. „Во моментов се работи сериозно“, категоричен е тој.
Началникот на Националниот оперативен центар на националната противпожарна служба на Република Бугарија, комесар Калојан Дончев, исто така потврди дека во моментов најкритична е состојбата на Елените. „До денеска на територијата на целата Област Бургас работат 18 екипи со над 50 службеници. Таму продолжува да врне и состојбата е тешка. Другите погодени места се Област Монтана и Област Перник, каде поради обилниот снег има затворени патишта“, изјави тој, прецизирајќи дека таму главниот проблем се паднатите дрвја од тежината на снегот, што се отстрануваат од екипите.
Заменик-началникот на Одделот „Сообраќајна полиција“ во ГДНП, комесар Марија Ботева, објави дека се преземени сите неопходни мерки за отстранување на пречките што го отежнуваат или целосно го блокираат сообраќајот на одредени делници од републичката патна мрежа на Република Бугарија. „Остануваат затворени за чистење делови од премините или делници од нив, кои во едната или во другата насока на движење беа блокирани поради паднати дрвја или навеан снег“, истакна таа и соопшти дека со наредба на претседателот на УО на Агенцијата за патна инфраструктура (АПИ) на Република Бугарија се воведени привремени ограничувања на движењето на делови од автопатите.
Од 16 до 21 часот денеска е ограничено движењето на товарни возила над 12 тони, вклучително со приколки и полуприколки, со цел да се олесни сообраќајот на лесните автомобили од километар 0 до 165-ти километар – патниот јазол „Оризово“ на АМ „Тракија“ во Република Бугарија.
Комесар Ботева препорача луѓето да изберат алтернативни рути.
„Сè уште важи привремената организација на сообраќајот и со алтернативни патишта во погодените делници по Црноморието на Република Бугарија“, додаде таа.
Воведена е привремена организација на сообраќајот од километар 0 до 8-ми километар на АМ „Хемус“, каде моментално се обезбедени две ленти во насока кон Варна и една во насока кон Софија. По потреба целиот сообраќај кон Софија ќе биде пренасочен преку Горни Богров.
