ПРОСВЕТНИОТ ИНСПЕКТОР ИЛИЕВСКИ ДЕГРАДИРАН ЗАРАДИ ТОА ШТО ГИ ОТКРИ НЕРЕГУЛАРНОСТИТЕ НА УНИВЕРЗИТЕТОТ ВО ТЕТОВО
Ѓорѓи Илиевски, вишиот просветен инспектор и раководител на одделението за инспекциски надзор во високото образование, научните институти, ученичките и студентските домови ќе биде распределен на пониско работно место, односно деградиран. Ваква одлука донесе директорот на Државниот просветен инспекторат, Томе Спировски, откако дисциплинската комисија му ја предложи оваа мерка бидејќи Илиевски сторил прекршок – пренесува „Факултети.мк“.
Од Државниот просветен инспекторат велат дека дисциплинската комисија утврдила дека Илиевски сторил прекршок и со тајно гласање донела одлука со предлог за изрекување на дисциплинска мерка против него која гласи: „Распределување на работно место во непосредно пониско место“. Од Инспекторатот велат дека директорот ја прифатил одлуката, а Илиевски може да ја обжали пред второстепен орган.