Првата бугарска банкнота стара 140 години е изложена во музејот во Габрово
Во Регионалниот историски музеј во Габрово е изложена првата бугарска банкнота – дваесетолевка со сериски број 000001, отпечатена на 1 август 1885 година во Санкт Петербург. Оваа година се одбележуваат 140 години од нејзиното издавање, јавува БНР.
Банкнотата е создадена во пресрет на Соединението на Кнежеството Бугарија и Источна Румелија и воведувањето на златниот стандард во земјата. Таа била дел од напорите на новоформираната Бугарска народна банка да воспостави модерна монетарна политика.
Дизајнот е дело на уметникот Георги Кирков, а на неа пишува: „За поддѣлка виновнитѣ се наказвaтъ споредъ закона“, што сведочи за раните обиди за борба против фалсификатите.
Иако гарантирана со злато (еквивалент на француски наполеон од 20 франка), јавноста првично не ја прифатила лесно – номиналот од 20 лева бил еднаков на месечна плата, а луѓето повеќе им верувале на кованите монети.
По повлекувањето од употреба во 1907 година, овој редок примерок преживеал благодарение на габровскиот трговец Васил Тулумбаков и неговите наследници. Во 1961 година банкнотата била откупена од музејот за 250 лева и денес е значаен експонат од бугарската финансиска историја.

