| |

ПРВАТА ВАКЦИНА ШТО ПРИСТИГНУВА ВО КОСОВО ВО ТЕКОТ НА ФЕВРУАРИ Е НА „АСТРА ЗЕНЕКА“

Првиот контингент вакцини против коронавирусот од програмата „Ковакс“ на компанијата „Астра зенека“, произведени од Универзитетот „Оксфорд“ во Велика Британија, ќе пристигне во Косово во текот на февруари, потврди Исме Хумоли од Светската здравствена организација (СЗО) во Косово, за Радио Слободна Европа (РСЕ).

„Донацијата е за 20 отсто од населението, што е некаде околу 360.000 дози за граѓаните на Косово. Преговараме со ’Астра зенека’ и ’Фајзер’. Тоа се два производитела со кои разговараме за дистрибуција на вакцини во Косово, но првиот контингент се очекува да биде од ’Астра зенека’“, рече Хумоли.

„Ковакс“ е програма на СЗО, која има цел да достави вакцини во посиромашните земји.

Европската агенција за лекови ја одобри вакцината на „Астра зенека“ на 29 јануари 2021 година за лица над 18 години.

Според Агенцијата, вакцината била тестирана на лица на возраст меѓу 18 и 55 години.

Германската комисија за вакцини не препорачува имунизација на постарите лица над 65 години со вакцината на „Астра зенека“.

Хумоли забележува дека ефективноста на таа вакцина е повеќе од 90 проценти и се дава двапати.

Би-би-си објави дека најновата студија, што ја спроведе Универзитетот „Оксфорд“ и која сè уште не е објавена, покажала дека ефективноста на вакцината на „Астра зенека“ е 76 проценти по приемот на првата доза и дека се очекува лицето да биде заштитено од коронавирус по ревакцинацијата.



Слични Објави