| |

ПРВО ОБРАЗОВНО РАНДЕВУ ВО ШТИП

Денеска, во организација на Општина Штип и Дом на млади, за прв пат се одржува манифестацијата „Образовно рандеву” во Штип. Ова е значаен настан, затоа што преку него се нуди платформа на којашто сите средни училишта од градот Штип имаат можност да се претстават. Притоа, на сите средни училишта им е овозможено на соодветни штандови да ги изложат своите промотивни материјали, а истовремено да ги претстават и своите достигнувања и реализирани проекти на мултимедијален начин.

На образовното рандеву присуствуваше градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски, кој им додели признанија на средношколците коишто учебнава година што изминува освоиле награди на државни натпревари.

„ Денеска ми е чест што присуствувам на манифестацијата „Образовно рандеву”, којашто е во организација на Општина Штип и Дом на млади и е прва ваква манифестација на општинско ниво. Средните училишта од нашиот град конечно добија заедничка платформа за свое претставување и сметам дека тоа е навистина значајна можност, не само за промоција на средните училишта, туку и за овозможување на сегашните деветтоодделенци да одлучат каде понатаму ќе го продолжат своето образование. Се разбира, ова е добар начин и сите останати заинтересирани граѓани коишто денеска присуствуваат на денешниот настан да се запознаат со активностите на средните училишта.

Оваа убава манифестација ја искористив за да им доделам признанија на оние средношколци од Штип коишто годинава освоиле награди на државни натпревари. Сакам и во оваа прилика да ги повторам заложбите на локалната самоуправа за овозможување поддршка за ваквите млади таленти да продолжат да се развиваат. Се надевам дека ова ќе послужи како мотив за средношколците и наредната година да бидат уште потрудољубиви, вредни, да учат уште повеќе и да остваруваат сѐ подобри резултати, затоа што така ги бранат боите на Општина Штип, но и се стекнуваат со многу знаење со коешто ќе имаат можност во иднина да го подобрат заедничкото живеење,” истакна градоначалникот Бочварски.

Раководителката на секторите образование, ЛЕР и јавни дејности при Општина Штип, Билјана Казанџиска образложи дека

„Целта на „Образовното рандеву” е средните училишта од Општина Штип да се претстават на иновативен начин пред потенцијалните средношколци. Целна публика на овој настан, се, секако, деветтоодделенците од сите основни училишта, но и сите останати заинтересирани граѓани.

Во „Образовното рандеву – 2018″ земаат учество четирите општински средни училишта, двете државни средни училишта и едното приватно средно училиште во нашиот град.

Впечатливо е што и СОУ „Димитар Мирасчиев” се претставува со една од своите модни ревии, креирани од самите ученици под менторство на нивните професори.

СОУ „Славчо Стојменски” ги претставува наградените творби, успешните проекти, а своја изведба има и музичкиот хор при Гимназијата.

Училиштето САБА ги претставува, исто така, своите достигнувања, главно, на полето на меѓународната соработка.

ДМУЦ „Сергеј Михајлов” го прави своето претставување, исклучиво, преку музички изведби на повеќето класи што функционираат при самото училиште.

СОУ „Коле Нехтенин” претставува дел од своите стручни смерови.

Само со штандови се претставуваат СОУ „Јане Сандански” и ДСУ „Искра”.

Одделението за образование при Општина Штип успеа да ги искоординира сите училишта да земат учество во ова „Образовно рандеву”. Дом на млади ги понуди сопствените просторни и технички капацитети и останатите потребни логистички ресурси за одржување на овој настан,” истакна во нејзината изјава за медиуми раководителката Казанџиска.



Слични Објави