Првото гласање за уставните измени ќе биде на 18 август
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, го прими Предлогот за пристапување кон измена на Уставот на Република Северна Македонија со насоки за изменување и дополнување на Уставот на Република Северна Македонија, чиј предлагач е Владата и тој е веднаш доставен до пратениците и со оваа постапка почнуваат да течат временските рокови предвидени со Уставот и Деловникот на Собранието.
Од Собранието информираат дека согласно Уставот и Деловникот, претседателот на законодавниот дом Талат Џафери веќе ја закажа пленарната седница за 18 август во 11:00 часот. Пред да се разгледа Предлогот на пленарна седница, согласно прописите, Предлогот ќе го разгледа Комисијата за уставни прашања, чиј претседател е Џафери. Седница на Комисијата за уставни прашања е закажана за 25 јули во 10:00 часот. Согласно законските одредби, Комисијата треба да расправа по Предлогот најмногу десет работни дена. Со оглед на тоа што 2 Август е неработен ден, а за 27 јули веќе е закажана седница за пратенички прашања, се очекува работата на Комисијата за уставни прашања да заврши помеѓу 7 и 9 август. По што, Предлогот ќе се разгледува на пленарна седница, на која дебатата трае до десет работни денови.
Доколку, со двотретинско мнозинство, се усвои потребата за донесување на уставни измени, Собранието усвојува Заклучок и го праќа материјалот до Владата на Република Северна Македонија. Собранието, со Заклучокот утврдува рок во кој подносителот (Владата), изготвува текст на нацртот на амандманите на Уставот, кој го доставува до претседателот на Собранието, по што Собранието во истоветна процедура во смисла на рокови ќе расправа по нив.
Од Собранието потсетуваат дека работата на Комисијата за уставни прашања и пленарната седница ќе бидат пренесувани во живо на Собранискиот ТВ канал и граѓаните ќе имаат постојан увид во работата на Парламентот.
Извор: Zoom.mk