| |

Пулев во Берлин повика на поблиска соработка меѓу Бугарија и Германија во индустријата и енергетиката

Бугарија е отворена за германските компании и гледа можности за поблиска соработка во микроелектрониката, автомобилската индустрија и енергетиката, изјави бугарскиот вицепремиер и министер за економија, инвестиции и индустрија Александар Пулев на економски форум во Берлин, соопшти бугарското Министерство за економија, инвестиции и индустрија на Бугарија.

„Во последните неколку децении трговската размена меѓу двете земји се зголеми 16 пати“, рече Пулев. Според него, во Бугарија работат над 1.500 германски компании, а компаниите со германски капитал отвориле повеќе од 50.000 работни места.

На форумот, организиран од Здружението на банките во Источна Германија, учествуваше и премиерот на германската сојузна покраина Саксонија, Михаел Кречмер. Пулев посочи дека Бугарија може да ја прошири соработката со Саксонија во проектирањето чипови, тестирањето и производството на компоненти. Како пример за соработката со германските производители ја издвои автомобилската индустрија, која, според него, учествува со над 10 отсто во бугарскиот бруто-домашен производ.

Пулев ги повика германските компании да учествуваат преку јавно-приватни партнерства во модернизацијата на бугарската инфраструктура. Како можности за заеднички вложувања ги издвои енергетската инфраструктура и технологиите за складирање енергија.

Слични Објави